Општина Лозово организираше бесплатна забава за полуматурантите

Во духот на еднаквоста и поддршката за младите, Општина Лозово во соработка со Менаџерскиот тим на ООУ „Методи Митевски – Брицо“ организираше бесплатна забава за сите полуматуранти од општината. Настанот се одржа како дел од континуираната стратегија на општината за поддршка на учениците и нивното семејство, со цел да се овозможи заедничка дружба, убави спомени, но и да се олесни финансискиот товар врз родителите.
Забавата помина во весела атмосфера, со многу музика, игра и насмевки, а полуматурантите имаа можност да го прослават крајот на едно важно поглавје во нивното образование заедно со своите соученици и наставници.
„На моја иницијатива, со поддршка од Советот на Општина Лозово, традиционално и оваа година обезбедивме бесплатна полуматурска забава за сите ученици од деветто одделение. Веруваме дека секое дете заслужува еднаква можност за радост и спомени, без разлика на економската состојба на семејството,“ изјави градоначалникот на Општина Лозово.
Тој додаде дека ова не е единствената мерка со која општината се грижи за најмладите:
„Нашата поддршка не запира тука – имаме низа активни мерки како бесплатен оброк за учениците од прво до петто одделение, ваучери за ученици од прво одделение, бесплатна градинка, стипендии за средношколци и студенти, ваучери за првенци и гордости на генерацијата, како и награди за постигнувањата на учениците и наставниците. Продолжуваме да вложуваме во младите, затоа што тие се нашата иднина,“ додаде градоначалникот.
Настанот е уште една потврда за посветеноста на Општина Лозово да биде вистински партнер и поддржувач на своите млади граѓани.
Стефани Манева
