Општина Росоман купува ученички униформи и бележи позитивни резултати од нивното носење во ООУ „Пере Тошев“

Резултатите од востановената практика за набавка на ученички униформи, нивното прифаќање и носење од страна на учениците како и споделеното мислење на родителите на децата, кои учат во општинското основно училиште во Росоман, се причина што општината продолжува со востановената пракса за набавка на ученички униформи и за наредната учебна година. Градоначалникот Стојан Николов соопшти дека и од годишниот општински буџет ќе се издвојат предвидени 750 илјади денари со коишто ќе се купат униформи за учебната 2025/26 година.

-Сметам дека ја постигнавме целта. Искуствата, од изминатата учебна година па и од сеуште актуелната, покажаа дека со носењето на ученички униформи не е видлива социјалната и економската разлика на семејствата на учениците. Значајно е и тоа што учениците прифаќајки да ги носат маиците и дуксерите, на коишто е отпечатен училишниот амблем, оставаат впечаток дека учат во добро организирано училиште, додаде градоначалникот Николов.

Ученичката униформа во ООУ„Пере Тошев“ се состои од две летни и една зимска маица како и од два дуксери, есенско – пролетен и зимски. Лани, на почетокот на второ полугодие од учебната 2023/24 година и во септември, на почетокот на учебната 2024/2025 година, униформи добија по 337 ученици во ова општинско основно училиште од прво до деветто одделние.
Убавка Јаневска
