Општината планира да постави „вибрациони ленти“ во велешка „Шорка“, експертите препорачуваат и дополнителни сообраќајни успорувачи
Општина Велес решението на проблемот со фреквенцијата на сообраќајот и стравот за безбедноста на сопствените деца на жителите во населбата „Шорка“ го гледа во поставување на „вибрациони ленти во сетови“. Локалната власт соопшти дека за смирување на сообраќајот во градот поточно управување на моторни возила од страна на граѓаните според пропишана максимална дозволена брзина од 40км/h, предвидува поставување на решенија какошто се „вибрациони ленти во сетови“.
Во одговорот на новинарското прашање на Дума.мк, “Дали Општина Велес и кога ќе ги испочитува реакциите на граѓаните од оваа велешка населба и писмено ќе побара МВР да постави „легнати полицајци“ се со цел да се обезбеди поголема безбедност како за децата така и за возрасните жители на населбата?“, од општината напишаа дека имале изготвено техничка документација за поставување на направи за смирување на сообраќајот од различен тип. Во техничката документација била опфатена и улицата „Вардарска“ за којашто Дума.мк пишуваше вчера и ги пренесе реакциите и барањата на жителите од населбата „Шорка“ кои поради голема фреквенција на сообраќај на улицата „Вардарска“ се загрижение како за безбедноста на сопствените деца така и на повозрасните сограѓани.
„Општина Велес посветено и континуирано работи на зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и за таа цел во периодот кој следува ќе се распише јавна набавка за поставување на направи за смирување на сообраќајот на неколку локации во градот. Оттука, Ве известуваме и информираме дека и посочената локација ќе биде дел од јавната набавка и на истата е предвидено “Набавка, транспорт и монтажа на вибрациони ленти во сетови“. За одвивање на сообраќај со брзина поголема од пропишаната, Ве информираме дека максимално дозволена брзина во град Велес е 40km/h, што значи дека возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 40km/h. Контрола и регулација на сообраќајот на патиштата врши Министерството за внатрешни работи“, пишува во соопштението на Кабинетот на градоначалникот Марко Колев.
Оттаму тврдат дека пред изготвување на решението од страна на општината, имаат законска обврска да достават барање до СВР Велес, за да добијат потребна согласност и да потоа да можат да го постават избраното сообраќајно решение. Исто така, изборот да постават „вибрациони ленти во сетови“ го направиле откако согласно закон, улицата „Вардарска“ е во исто време и регионален пат.
Според стручни лица, што Дума.мк ги конслутираше изборот на општината е добар. Сепак тие препорачуваат прво локалната власт да изгради тротоари долж улица „Вардарска“, секаде кадешто условите дозволуваат, да обележи пешачки премини и потоа да комбинира и други сообраќајни решенија посочувајќи ги како пример оние што се во категоријата успорувачи на брзина. Според нив „вибрационите ленти“ се всушност опоменувачи коишто сигнализираат дека возилата се движат со поголема брзина од законски пропишаната но не ја успоруваат брзината доколку таа е над 40км/h.
Убавка Јаневска