Жители од велешка „Шорка“ бараат поставување на „легнати полицајци“ (фото и видео)
Преголема е фреквенцијата на сообраќај на улица „Тодор Николовски“, поранешна „Вардарска“ се пожалија на Дума.мк жители од велешката населба „Шорка“. Тие се загрижени за безбедноста на своите деца, кои за да стигнат до училиште или во игра умеат да претрчаат од долниот дел во горниот дел на населбата, и да ја преминат оваа главна сообраќајница. По улицата сообраќаат како автомобили и автобуси така и товарни возила. Фреквенцијата на сообраќајот е постојано голема поради тоа што улицата „Тодор Николовски“ е всушност излезна или влезна во Велес од страната на Башино село. Се користи и за вклучување на автопатот од Скопје до Велес. Исто така, сообраќајницата е обиколница за побрзо сообраќање на возила помеѓу велешките индустриски зони „Речани“ и „Узус“.
-Особено стравуваме за безбедноста на најмалите деца кои често умеат за неколку секунди да ни се изгубат од вид. Тогаш настанува вистинска бркотница и претрпуваме стрес додека да ги пронајдеме. Секој пат помислата ни е дека можеби од споредните трганале кон улицата „Тодор Николовски“ а таму има преголема фреквенција на сообраќај. Затоа бараме поставување на легнати полицајци како сообраќајно решение, рече жителка на населба „Шорка“.
-Ако земеме во предвид дека и често присутни се полициските екипи со радар за да воспостават контрола на нашата улица тогаш не ни е јасно зошто не може брзината на одвивање на сообраќајот да се регулира со поставување на вакви сообраќајни решенија, поточно „легнати полицајци“, рече жител на населба „Шорка“.
-За проблемот веќе знае Општина Велес бидејќи мојот сопруг му пренесе информации од жителите и на градоначалникот. Но изненадена сум од одговорот дека општината немала надлежност за овој наш проблем, рече жителка на „Шорка“.
За дел од жителите чиишто домови, после фабриката за конци „Ветекс“, излегуваат директно на сообраќајницата е особено сериозен. Пред нивните влезни врати нема тротоар. Но ништо во подобра состојба не се ниту останатите кои се граничат со тротоари од коловозот. Тротоарите не се толку многу широки за да гарантираат безбедност за децата.
-Еве пред мојата куќа гледате и сами дека нема тротоар. Директно од влезна врата излегуваме на улица. И не само децата туку од возачи, коишто возат со поголема брзина од дозволените 40 км на час, се плашиме и ние повозрасните. Што ако во моментот не слушнеме свирење од автомобил или чкрипење на кочница. Потребна е поголема безбедност, рече жител на населба „Шорка“.
Дума.мк побара став од Сектор за внатрешни работи Велес. Како што ни појасни портаролот Ристе Самарџиев поставувањето на сообраќајните решенија „легнати полицајци“ го врши Министерство за внатрешни работи но за да се одобрат и обезбедат потребно било барање што ќе го подготви и поднесе општината.
За овој проблем на жителите од велешка „Шорка“, Дума.мк став ќе побара и од Општина Велес.
Убавка Јаневска