Општината соопшти дека ЈКП „Дервен“ не ја исполнувал обврската за празнење на подземните контејнери во недела додека комуналното претпријатие дека немаат и работници
Не се празнат 11 подземни контејнери и не се собира отпадот околу нив во недела во Велес. Тоа е причина за малата депонија со отпад што се создава до преминот преку железничката пруга Велес – Гевгелија, децидна е раководителката на Одделението за заштита на животната средина на Општина Велес ,Билјана Шуркова Манаскова. Таа во одговор на новинарските прашања на Дума.мк како Општина Велес планира да ги реши проблемите со големите количества на отпад, на оваа и на втората локација покрај кула во склоп на поранешна „Стоковна куќа“, одговори дека согласно Одлука за постапување со комунален и другите видови неопасен отпад на територијата на Општина Велес, системот за собирање на отпад потребно е да биде оперативен не шест, како што го извршувало ЈКП „Дервен“, туку седум дена во неделата.
„Согласно Одлуката за воведување на ноќно собирање на комунален и комерцијален отпад, ЈКП „Дервен“ должен е отпадот од правни и физички лица да го собира два пати во неделата, а во централно градско подрачје ,вклучително и контејнерот кој е предмет на прашањето, секој ден, два пати во текот на едно деноноќие во период од 10.30 – 12.30 и од 22.30 до 00.30 часот. Јасно е дека ЈКП „Дервен“ не се придржува до прописите кои се донесени и се на сила и тоа предизвикува последици по квалитетот на живот во урбаната средина и загадување на урбаното подрачје. Општина Велес од анализите кои ги направи ,за оваа локација, сигурна е дека при доследно работење на ЈКП „Дервен“ согласно прописите, нема да се предизвикуваат вакви состојби во градот,“ пишува во одговорот Шуркова Манаскова.
Општината тврди дека направила анализи за потребите од поставување подземни контејнери и за собирање на количини на отпад на цела територија на градот. За жал, на оваа локација, на спојот на улиците „Гоце Делчев“ и „Страшо Пинџур“ не можел да се постави дополнителен контејнер. Причините се што таму немало доволно простор и локацијата била во близина на железничка пруга.
Според Шуркова Манаскова граѓаните многу добро ги прифатиле и ги користеле подземните контејнери со што јавното комунално претпријатие немало алиби да ја префрли вината на граѓаните.
Раководителката, исто така, одговори дека досега во Велес опожарување на подземни контејнери се случило само во два наврати и тоа на контејнерот во централното градско подрачје поставен на улица „Илинденска“, кај поранешната „Стоковна куќа“ додека сите останати подземни контејнери досега функционирале без проблеми.
Сепак не треба да се занемари ставот и на ЈКП„Дервен“ дека немале доволен број на работници како и возачи за специјалните возила за собирање на отпад од подземните контејнери.
Убавка Јаневска