Општините од Вардарскиот регион ќе основаат јавно претпријатие за згрижување бездомни животни
Реализацијата на проектот за основање на регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство влегува во финална фаза. На вчерашната седница советот на Кавадарци донесе одлука за основање на заедничко јавно претпријатие со општините од регионот. Истото во наредниот период ќе треба да го сторат и советите на општините Велес, Неготино, Свети Николе, Демир Капија, Чашка, Градско, Лозово и Росоман.
Јавното претпријатие се основа за вршење на дејност од јавен интерес од областа на хуман третман, заштита и благосостојба на животните, на територијата на овие општини, стои меѓу другото во одлуката што ја усвои советот. Исто така се додава дека основната дејност на заедничкото јавно претпријатие ќе биде одгледување на други животни.
Финансирањето на заедничкото јавно претпријатие ќе се врши од остварени сопствени приходи на претпријатието и од буџетите на општините, согласно со бројот на нивните жители, од донации и спонзорства и други извори на приходи.
Општините основачи, со посебни одлуки, во зависност од потребата на претпријатието, ќе отстапат на користење имот и опрема за работата на Центарот.
Проектот кој се реализира, а има регионален карактер е во висина од 22 милиони денари, пари обезбедени од Швајцарска Влада и Биро за регионален рамномерен развој, преку Вардарски плански регион. Изградбата на стационарот веќе е во напредна фаза и наскоро треба да финишира.
Ангел Данов