Педесет и девет зумбули за кочанската трагедија засадени во Зелената детска градина на ПОУРЦ „Маца Овчарова“ во Велес (видео и фото)

Прво им се радуваа на цветовите во различни бои, потоа учениците на ова државно училиште за лица со посебни потреби во Велес со помош на дефектолозите, специјалните едукатори и рехабилитатори заедно ископаа 59 дупки во земјената површина во кои беше засаден по еден зумбул за секој млад изгубен живот во страотната трагедија, во кочанската дискотека. Училишната Зелена градина.најнапред беше преплавена со мали детски лопатчиња додека дефектолозите им го покажаа начинот на којшто се садат цветовите за потоа да се измешаат со многу детски раце. Секоја од нив го правеше тое што го гледа и е демонстрирано. Така се создаде цветниот ред во земјената површина пред прозорците на училишната зграда од страната на Зелената детска градина.

Повозрасните ученици доброволно се пријавуваа за да им помогнат на наставниците дефектолози во првото полевање со вода на зумбулите. Сите внимателно слушаа колкава количина од кантичките со вода треба да се полее врз еден цвет за да живее, исто како и човекот.

Директорката на училиштето Снежа Стојановска рече дека идејата произлегла на Наставнички колегиум, деновиве, по што биле набавени зумбулите и организирана денешната цветна акција за нивно засадување.

Дефектолозите и учениците заедно ќе ги надгледуваат засадените цветови со цел тие да живеат што подолго и да потсетуваат на животот кој нема цена од една додека од друга страна ќе го оплеменат просторот што учениците често го посетуваат.
Убавка Јаневска
