Пенов: Со над шест милиони денари ја подобруваме патната инфраструктура во општина Росоман
Со вкупна сум од над шест милиони денари се реализира реконструкција на улицата „Илинденска” со краци кон соседните улици во Росоман, соопшти министерот за локална самоуправа Ристо Пенов при посетата на општината. По средбата со градоначалникот Стојан Николов министерот исто така кажа дека оваа општина има голем потенцијал за развој и можности за подобрување на условите за живеење за граѓаните.
– Развојот на општините и подобрувањето на условите за живеење на граѓаните се наш приоритет и Министерството за локална самоуправа заедно со Бирото за регионален развој од Буџетот на државата секоја година финансираат проекти во речиси сите општини, додаде министерот Пенов.
Исто така министерот потенцира дека сите општини имаат можност финансиски да бидат подржани од буџетските развојни програми на министерството и на бирото за регионален развој со добри проекти и комплетна проектна документација.
-Предност за општините е што преку овие буџетски програми можат да реализираат проекти кои што самостојно ги приоретизираат, но мора да се води сметка проектите да бидат корисни и одржливи, да имаат комплетна техничка документација и да гарантираат квалитетна изведба, додаде Пенов.
Според Пенов општината може да користи средства и од ИПА Програмата на ЕУ за прекугранична соработка, при што ја нагласи потребата од подготвеност на општините да аплицираат на јавните повици со проекти кои што реално ќе ги подобрат условите за живеење и кои што ќе имаат поширока употребна вредност за министерството за локална самоуправа да им помогне со обезбедување на средствата за кофинансирање, во вредност од 15 отсто, со што нема да го оптоварува сопствениот буџет.
Овој проект финансиски е подржан од Министерството за локална самоуправа со 5,5 милиони денари, а во реализацијата на проектот со сопствени средства од 609.000 денари учествува и општина Росоман.
Дума.мк