Пешаците и возачите да ги почитуваат прописите, така се стигнува до нула жртви на сообраќајниците (фото)
Со флаери и бошури во рака, петмината студенти од Велес на Факултетот за безбедност во Скопје денеска ги разубедуваа велешани ако се пешаци да ги преминуваат улиците на пешачки премин додека возачите, особено матурантите, дека алкохолот и управувањето на возила не одат заедно. Студентите учествуваат во реализација на кампањата за пешаци „И јас и ти, сите сме пешаци“ на плоштад „С`рмаале придружувани од деканот, претседателката на Републички совет за безбедност во сообраќај на патишта и портпаролот на МВР.
Капмањата е составена од пораки и едукативен материјал кои говорат за тоа дека пешаците се рамноправни учесници во сообраќајот доколку ги почитуваат правилата и прописите. Паралелно со оваа, трите државни институции, ја реализираат и кампања за матуранти.
-Апелирам до сите матуранти, кои на својата матурска вечер, сакаат да седнат зад воланот за да стигнат до местото на прослава, потребно е задолжително да ги почитуваат правилата и прописите. И да не конзумираат алхохол бидејќи алкохолот и воланот не одат во комбинација, рече Гордана Кожуваровска претседателка на Републички совет за безбедност во сообраќај на патишта.
Деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски, изразувајќи голема благодарност за продолжувањето на кампањата потенцираше дека таа дава резултати.
-Започнавме на почетокот на месец април, годинава, од кога до денеска нема загинат пешак во сообраќајот на територијата на државата. Тоа беше наша најголема цел и најголем успех. Ние покажуваме дека со добро обмислени и реализирани кампањи може сериозно да се влијае врз почитувањето на сообраќајните прописи. Особено сум горд на нашите студенти кои многу активно ја прифаќаат оваа кампања и се вклучени во сите градови. На ваков начин го даваме нашиот влог во безбедноста на сообраќајот и се грижиме за секој поединец, овој пат за пешаците. Само со вакви континуирани мерки можеме да постигнеме нула жртви, деца и пешаци, во сообраќајот. Тоа е нашата основна цел, додаде проф. д-р Дујовски.
Со превентивни акции се подобруваат сообраќајната култура и безбедноста во сообраќајот, констатираше Тони Ангеловски портпарол на МВР. Особено кога евидентни се резултатите во изминатите две години, поточно, намален е за три пати бројот на жртви на сообраќајниците.
– Бројот на жртви во сообраќајот постојано паѓа. Како споредба ќе кажам дека годинава, во месец април, има 4 жртви додека во истиот месец на минатата година бројот изнесуваше 12 жртви. Исто така во првите четири месеци има 26 жртви за разлика од 40 жртви во истиот период во 2021 година. Да потсетам дека 2021 година е најбезбедна во последните 15 години, додаде Ангеловски.
Затоа Републички совет за безбедност во сообраќај на патишта , МВР и Факултетот за безбедност во Скопје, ќе продолжат со превентивни акции чија цел е што поголема безбедност на сообраќајниците. Граѓаните кои преку почитување на правилата и прописите во сообраќајот се вклучија во остварување на крајната цел, нула жртви, добија благодарност од трите државни институции. Апел беше упатен кон матурантите и нивните семејства да не дозволат убавите настани коишто ги одбележуваат да бидат засенети со немили настани.
Убавка Јаневска