По Велигден намалени цените на дел од зеленчуците на пазарот во Велес, неизвесно дали ќе останат исти и за првомајскиот празник
Килограм кромид денеска на градски пазар можеше да се купи и по цена од 60 денари, краставици за 50 денари, домати за 100 денари, благи пиперки за 160 и лути за 220 денари, две млади зелки за 50 денари додека една марула за 30 и две за 50 денари. Пониска за 15 до 20 % беше и цената на младиот компир која се движеше од 60 до 90 денари за килограм млад компир додека од 45 до 50 денари за стар компир. Врзоп од четири стебленца кромид чинеше помеѓу 10 и 15 денари и млад лук од 15 до 20 денари.
Продавачите денеска на новинарските прашања за можноста да се одржат овие цени до првомајскиот празник одговараа различно. Додека едни тврдеа дека нема да поскапе кромидот и салатите други тврдеа дека не можат со сигурност да дадат потврда. Според нив се зависело од откупната цена на пазарот на големо во Скопје. Освен велешките градинари кои го произведуваат зеленчукот во градините покрај река Вардар или во селата никој не беше прецизен во одговорот зошто директно не откупуваат од земјоделски производители од кочанско или струмичко туку набавките ги прават од откупувачите во главниот град.
За разлика од зеленчукот снижени беа цените на овошјето. Бананите, јаболката, портокалите, мандарините повеќе од половина месец имаат пониски цени освен јагодите кои се продаваа по цена од 140 до 160 денари за килограм.
Убавка Јаневска