Подигнување на свеста за ракот на дојка – настан на Организација на жени од Општина Велес

Во рамките на кампањата „Розов октомври“, месец посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка, Организација на жени од Општина Велес реализираше два значајни настани насочени кон едукација и превенција.
Едукацијата се одржа во просториите на Локална библиотека „Гоце Делчев“, каде присутните имаа можност да присуствуваат на предавање од проф. Тања Петровска и проф. Д-р Јасмина Чабуковска – Радуловска.

-Темата на предавањето беше раното откривање на ракот на дојка, важноста на редовните лекарски прегледи и самопрегледите, како и превенцијата како клучен фактор во борбата со болеста. Овој настан го реализиравме во соработка со ЈЗУ Општа болница Велес, изјави Мирјана Трајкова за Дума.мк.
Покрај едукативното предавање, волонтерките на Организација на жените излегоа на терен и на случајни минувачи им поделија информативни флаери. Со овие едукативни материјали, тие го потенцираа значењето на раната детекција и редовните прегледи, нагласувајќи дека грижата за здравјето може да спаси животи.

Организацијата ги повикува сите граѓани да се грижат за своето здравје и да ја поддржуваат свеста за ракот на дојка, бидејќи превенцијата и редовната контрола се најмоќните алатки во борбата со оваа болест.
Стефани Манева


