Поети, писатели и гости во „Сокачето на поезијата“ и во Спомен куќата на Рацин во Велес

На скалите на познатото велешко „Сокаче на поезијата“ и пред влезната порта на семејството Солеви, во чест на поетот Кочо Солев Рацин, вчеравечер 15 поети читаа свои стихови инспирирани жарот на љубовта кон татковината, јазикот и вистината. Поетското читање го отвори Проф д-р Васил Тоциновски за потоа да настапат писателите како и членовите на Клуб „Коста Солев Рацин“ поточно Елизабета Бандиловска, Ѓотре Ѓелев, Нада Алексоска, Јасмина Ѓорѓиева, Соња Гаврилова, Атанас Крлевски, Радица Ѓорѓевиќ, Мима Лазова, Марина Стојанова, Соња Карбева, Емилија Златкова Анастасова, Десанка Николова, Алија Авдовиќ, Божидар Јовиќ.

Освен одекот на зборовите од стиховите на поетите ,Рациновото сокаче, беше разбранувано и од звуците на музицирањето на м-р Елена Ѓорѓиевска виолинистка со исклучителен музички талент и уметничка чувствителност како и на Стефан Ѓоргиевски, ученик во ООМУ „Стефан Гајдов“ – Велес.

Свој настап имаше и Јордан Андов кој со своето интерпретирање на „Татунчо“ даде посебна магија на целиот настан.

-Оваа вечер беше посветена на зборот, на тишината што зборува, на поезијата што нè обединува. Во чест на великанот Рацин, човекот чие дело не згаснува, туку продолжува да гори во нас како светилник на слободата, правдата и уметноста, рече Лили Арсова претседателка на Клуб на писатели „Кочо Рацин“ Велес.


Сите присутни заедно со поетите, писателите и уметниците беа гости и во Спомен куќата на Рацин каде традиционално на чардакот беше промовиран 26 број на списанието „Велес“. Свое видување за значењето на списанието за локалната и националната културна сцена даде Проф. д-р Тоциновски.

Списанието „Велес“ повеќе е од печатена страница, тоа е сведоштво за духовните текови на нашиот град, простор во кој свое место наоѓаат и потврдени авторски имиња и нови млади ентузијасти. Во ова издание, на читателот му се нуди богат избор на книжевни осврти, поезија, проза, есеи и културолошки записи што ја документираат виталноста на македонската мисла.

Настанот со своите цветоносни стихови од Рацин го збогати и Живко Поповски Цветин, подарувајќи им на присутните картички со цветови.
Настанот беше дел од програмата на 62 Рацинови средби со коишто деновиве живеат Вечеси Велешани.
Убавка Јаневска
