Поставени првите камери од видео надзорот на велешките спортски терени – следни локации се Тунел и Дворови

Во рамки на иницијативата за зголемена безбедност и заштита на урбаната опрема, Општина Велес започна со поставување на видео надзор на спортските терени низ градот. Целта е да се спречи вандализмот и да се обезбеди зачувување на јавниот имот.
Како што информираат од Општина Велес, во рамки на овој проект е планирано да бидат поставени вкупно 36 камери, кои ќе го покријат спортскиот инвентар и просторите каде што младите најчесто се рекреираат.
Видео надзор веќе е поставен на спортските терени при ООУ „Васил Главинов“ и Гимназија „Кочо Рацин“, каде што се инсталирани по осум камери на секоја локација. Во наредниот период се планира поставување на осум камери и во населба Тунел како и во Дворови кадешто ќе бидат поставени 12 камери.
Од локалната самоуправа појаснуваат дека следењето на снимките нема да биде постојано, туку ќе се врши по потреба, од страна на назначено одговорно лице од Општина Велес.
Стефани Манева


