Прогласени најдобрите наставници и најдобрите ученици во Велес за учебната 2021/2022 година
Наставничката Елица Љуткова од основното општинско училиште „Панко Брашнаров“ од Велес е една од тројцата наставници што годинава од страна на Општина Велес се прогласени за најдбори наставници за учебната 2021/2022 година. Љуткова 34 години работи како наставник во одделенска настава и освен што описменила генерации на интелектуалци, работници, мајки и домаќинки целосно се вложила на воспитување на сограѓани и сограѓанки што постојано, откако ги напуштиле училишните клупи и се обраќаат со зборот „наставничке“ или „учителке“ притоа искажувајќи и ја почитта што несомнено ја заслужува.
Годинешната добитничка на престижната награда за Дума.мк вели дека ова признание не и е прво но и е најдрагоцено затоа што го добива во својот град како респект и почитување на заслуги на една од значајни професии за иднината на градот.
-Сметам дека тајната на успехот во секоја работа во животот не е во тоа да се работи тоа што се сака туку да се сака тоа што се работи, оваа мисла од Черчил ме води низ целиот мој живот. Работата што јас ја сакам ми го донесе овој мој успех и со особено задоволство сакам да изразам голема благодарност до Општина Велес и до колегите од моето училиште „Панко Брашнаров“и посакувам на секој мој колега да добие вакво признание, додаде Љуткова.
Освен наставничката Љуткова, годинава, со признанието најдобар наставник за учебната 2021/2022 година се здобија и Љубинка Чанева наставничка по биологија во основното училиште „Панко Брашнаров“ и Методиј Бузалковски професор во општинското средно училиште „Јовче Тесличков“ .
На традиционланта манифестација што со години се оддржува во нашиот град на самиот ден на одбележувањето на сесловенските просветители СВ „Кирил и Методиј“ за годнешни најдобри ученици прогласени се Даниела Теова ученичка во шесто одделение во основото општинско училиште „Васил Главинов“ и Христијан Андовски ученик во трета година од средното стручно општинско училиште „Коле Неделковски“.
На свеченоста што денеска ја организираше Општина Велес градоначалникот Марко Колев рече дека образованието, јазикот и писменоста се многу значајни како за нашиот град така и за државата.
-Општина Велес ќе соработува со Министерство за образование со цел унапредување на образованието. Сакам да ги охрабрам и останатите наставници и ученици да се посветат максимално во своето работење и следната година да бидат добитници на овие признанија. Овој празник да го славиме и понатаму со цел она што е поставено како темел да не се заборави, додаде Колев.
Оваа година за прв пат беше доделена и благодарница на детската градинка „Димче Мирчев“ од Велес за исклучителен придонес во раниот детски развој и просветителство на најмалите граѓани.
Наградата за најдобри наставници и најдобри ученици во учебната 2021/2022 година се состои од благодарница и паричен износ од по 15.000 за наставниците и по 5.000 денари за учениците.
Настанот беше дополнително збогатен со настапот на детски хор СВ „Кирил и Методиј“ со диригент Веселинка Маџарова.
Стефани Манева