Реакција на споменатиот велешанец Д.Б во вест за „тепачка во верски објект“ во Велес: Информацијата еднострано е пренесена
Објавено: 11 август, 2025, во 16:30 часот
Споменатото лице ДБ во пренесената вест од Полициски билтен на Сектор за внатрешни работи Велес од страна на Дума.мк, попладнево, реагираше со барање во јавноста да биде пренесен и негов исказ, којшто тврдеше дека вчера, го дал, во Полициска станица Велес и го пишувало во официјалниот Записник. Дума.мк ја пренесува неговата изјава во целост:
„Во веста којашто ја пренесовте за „тепачка во двор на верски објект“ спомнати се иницијали на моето име и презиме како и возраста, поточно годините што ги имам како ангажирано лице. Како што прочитав од напишаното, а моите деца и се уверија дека превземате информација од официјална институција која ги проследува информациите до медиумите, барам да ми дадете простор да соопштам дека станува збор за половична информација ,најверојатно базирана на исказ на едната страна. Како втора страна во веста што ја објавивте ви тврдам дека јас, Д.Б, на 79 годишна возраст не бев предизвикувач на физичкиот напад, понајмалку над жена, туку бев тепан од страна на две машки лица кои беа дел од погребот на упокоено лице што се одржа на гробишта на црква „Свети Пантелејмон“. Ако воопшто имам некаква вина, тогаш јас само предупредив жена, да не поставува маса за делење на храна во дел кој што е хортикултурно уреден, за да не се направи штета на тоа што сме го уредиле и засадиле. Таа ја предизвика расправијата во која двете машки лица мене физички ме нападнаа за што јас побарав медицинска помош и полициска асистенција. И не сум единствен затоа што беше нападната и жена којашто е ангажирана да помага во верскиот објект кој што го спомнав, соопшти велешанецот Д.Б.
Тој додава дека здобиените повреди од физичкиот напад ќе ги докажувал пред надлежните институции.
Во информацијата на Сектор за внатрешни работи Велес којашто ја пренесе Дума.мк пишува:
„На 10.08.2025, во СВР Велес било пријавено дека околу 15:30 часот во дворот на верски објект во Велес, Д.Б.(79) од Велес, вработен во објектот, по кратка расправија, физички ја нападнал Н.Р.(66) од Велес, а потоа Д.Б. бил физички нападнат од И.Л.(66) и С.Л.(34), двајцата од Велес. По документирање на настанот против Д.Б., И.Л. и С.Л. ќе бидат поднесени соодветни пријави.“
Убавка Јаневска


