Реакција на Велиновска: Случката со негувателката и „електронската цигара“ во велешка градинка не ја прикривме, непотребно е вмешување на политика
По објавените фејсбук статуси на Градоначалникот Марко Колев, политичка партија и советници на Советот на Општина Велес, денеска, со реакција до јавноста се обрати Маја Велиновска, директорка на ОЈУДГ „Димче Мирчев“-Велес. Во соопштението за јавност, Велиновска вели дека била приморана да реагира за да ја заштити институцијата, „чии врати се ширум отворени за сите деца на територијата на Општина Велес и чија главна цел е грижа за развој и едукација на деца, без разлика на пол, вера или политичка припадност на нивните родители“, од дезинформации кој се шират по медиумите и покрај тоа што смета дека случката не треба да добива политичка димензија.
„Само сакам да ја соопштам вистината за случката од 29 септември, во Објект 1 – „Маргаритки“ на ОЈУДГ„Димче Мирчев“-Велес. Велам приморана, затоа што сметам дека непотребно се инволвира политика во институција чии врати се ширум отворени за сите деца на територијата на Општина Велес и чија главна цел е грижа за развој и едукација на деца, без разлика на пол, вера или политичка припадност на нивните родители. Сакам јавно да соопштам дека случката од 29ти септември не се повторила, значи не се случила ни еднаш претходно ниту по овој датум! Тоа што за неа се прозива воспитувачка се дезинформации затоа што станува збор за негувателка! Исто така, тоа што сум прозвана за прикривање на случката не е точно! Јас како директорка на ОУЈДГ „Димче Мирчев“-Велес заедно со вработените и стручната служба, не ја оправдуваме и не се обидовме да ја сокриеме од јавноста. Напротив, ги информираме сите. И родителите и граѓаните и политичките партии и Градоначалникот и советниците во Советот на Општина Велес дека примени се и со стручните служби на ОУЈДГ „Димче Мирчев“- Велес сослушани се родителите на децата и обезбедени се писмени изјави на дел од нив. Потоа за „овозможено потегнување на дим од електронска цигара од страна на неколку деца“, од една група, превземени се сите неопходни мерки. Известени се сите надлежни институции, направени се потребни консултации, согласно законите во државата и суспендирана од работа е негувателката, додека случајот е актуелизиран пред Министерството за труд и социјална политика и пред Дисциплинска комисија на ОУЈДГ „Димче Мирчев“,“ напиша Велиновска.
Таа додава дека се што сработиле го правеле на одговорен и транспарентен начин, биле во постојана комуникација со родителите на децата кои го пријавиле случајот.
„Затоа сум изненадена од пријавите на неколкумина родители во Секторот за внатрешни работи Велес! Нив не ги коментирам но ќе соопштам дека во превземените мерки, од наша страна, исто така консултирана е и оваа институција поточно државен орган. Жалам што во ниту еден момент на транспарентната и отворена постапка не беше побарана официјална информација од Градоначалникот,од Советот на Општина Велес или од политичките партии, кои веќе соопштија свои ставови,“ додава Велиновска.
Директорката е категорична дека за сите потребни информации таа, стручните служби и вработените во градинката стојат на располагање како на Градоначалникот Колев, на политичките партии и на Совет на Општина Велес така и на Министерството за труд и социјална политика.
„Подготвени сме да дадеме потребни информации, да ја соопштиме вистината и споделиме стручно мислење за случката. Тоа што сакам на крајот да соопштам е дека институцијата која ја раководам е расадник на стручни, одговорни, посветени, докажани и наградувани работници. Ќе додадам дека тимот на ОЈУДГ„Димче Мирчев“-Велес, низ години и децении, оценуван е со највисоки оценки на државно ниво, посочуван е за пример на иновативност и ангажираност во растот, едукацијата и развојот на децата во Велес и така ќе продолжиме понатаму. Затоа сметам дека тимот на установата не заслужува да биде деградиран поради „неодговорност на еден работник“, што сеуште се утврдува во постапката,“ пишува во соопштението за јавност на велешката градинка.
Убавка Јаневска