Само со помош од добронамерни луѓе петчленото семејството Јовевски ќе може да си го врати домот што пожарот им го растури (фото)
Објавено: 3 февруари, 2026, во 14:37 часот
Три месеци по пожарот, мирис на мем и влага ќе ве пречекаат заедно со тивките и скромни домаќини, во разурнатата куќа на ул: Титовоужичка бр. 3 во Велес. Глетката однадвор воопшто не открива дека внатре, во четирите соби, претсобљето и бањата на катот, во опожарената куќа условите се очајни. Но таму, штом зачекорите на катот, прво што ќе видите е глетка на тавани кои се во или се распаднати, ѕидови влажни и мемливи, под подигнат и дограма во делумно употреблива состојба. Во собите, во кои таванот е сосема уништен, погледот ви ја открива мушамата со која, засега, покриени се 70 м2 површина на кровот на куќата на Јовевски.

Од севкупниот семеен мебел единствено цел во просториите е останат само еден плакар. Тој ја спасил облеката на трите деца на Јовевски. Сите останати парчиња мебел, бела техника, каучи и кревети се распаднати од водата со која интервенираа пожарникарите и го гаснеа огинот на 27 октомври, минатата година.


Петчленото семејство Јовевски, Пандорка и Орданче со трите малолетни деца, една седмица седеле на катот кај соседите за потоа времено да ги прифати семејството на Пандорка. На лицата на сопружниците Јовевски, денеска, можеше да се види малку надеж дека со првичната лична проценка за делумна реконструкција тие ќе можат да го спасат својот дом.

-Временските услови не дозволуваат да се влезе и да се работи на комплетно расчистување. Секој ден после работа доаѓам и сам колку можам изнесувам од внатре се што треба да се исфрли. Очекував дека како се сушат околните ѕидови дека барем тие ќе можеме да ги спасиме, но од месец во месец, тие се во се по трошна состојба, се одронува малтерот и помали се шансите да останат. Не сме во состојба да повикаме проценител за да слушнеме колку точно ќе чини поправката. Од она што го гледам најверојатно ќе треба да се урне цел кат, да се стават столбови, плоча и да се ѕида одново барем катот. За приземјето не ни размислуваме бидејќи ние не сме во финансиска можност да го ставиме во функција просторот во кој живеевме со сопругата и трите деца, рече Орданче Јовевски. Тој е вработен како возач во велешка компанија а Пандорка продава гардероба во продавница во Велес.

На делумно стабилната тераса од катот, на која разговаравме со Пандорка и Орданче, во еден момент ги забележав изгорените албуми со фотографии кои стоеја на еден од прозорците на куќата.
-И спомените ни изгореа, додаде Пандорка штом забележа дека гледам во фотографските албуми. Во првиот што го отворив беа фотографиите на постариот нејзин син, Гоце Колевски кога бил бебе или имал неколку години. Сега, 16 годишното момче е едно од највредните деца во акцијашкото здружение во Велес кое освен на волонтерските акции во родниот град и во Чашка доброволно работеше и на меѓународната акција „Рибариќи“ во Нови Пазар. Гоце таму го прогласија за „Ударник“, што значи дека бил вреден и најбрз во извршување на зададените задачи, на изградба на езерската плажа. Таков е и дома, а и како ученик во средното училиште „Гимназија Кочо Рацин“.
Но Гоце се соочува со голем проблем откако во пожарот му изгоре лап топот па сега тој на настава и за домашни задачи користи лап топ на сосед. Можеби некој од читателите на овој текст ќе може да му помогне на Гоце, си помислив додека неговата мајка ми раскажуваше за стресот што го доживеала кога на 27 октомври, минатата година, се вратила од работа додека покривот на куќата горел а таа едвај се созела од стравот дали децата се внатре или соседите веќе ги извадиле, за очајните детски повици од терасата на соседите „Мамо излези и дојди кај нас“ додека таа се обидувала да им ги спаси алиштата, учебниците и за телефонскиот повик во кој на сопругот додека возел камион, кај патарината Градско, му кажала: “Врати се дома, куќата ни гори“.

-Многу луѓе ни помогнаа. Јас дури и не ги познавав пред пожарот. Први со храна не обезбедија Ацо Думовски и Мешкови, сопствениците на кафеана „Боем“. Десетици луѓе се јавија и понудија помош во облека, особено за децата но, не ни беше потребна затоа што прво во пожарот ја спасивме гардеробата на Гоце, Филип и Тамара. Моторциклистите од „Носачи на крстот“, ЗГ „Велешки акцијаши“, Лорета Гиовска, ресторанот „Сангриа“, Вероника Саздова потоа сите естрадни уметници кои настапија на хуманитарниот концерт за кој влезници купија многу фирми, пензионери, училишта, би сакала на сите да им се заблагодариме. Досега од сите настани собравме 500.000 денари а тоа не е малку, додаде Пандорка.

Семејството е благодарно и на брзата интервенција на велешките пожарникари. Иако на Јовевски за да успеат да се вратат во својот дом ќе им бидат потребни многу повеќе финансиски средства тие се благодарни што сите се здрави и живи како и што не беа заборавени од голем број хумани луѓе.

А токму тие, граѓаните, хуманитарците, се чини дека засега остануваат единствена шанса, со понатамошни помошти, да им овозможат куќата на Јовевски да се обнови и врати во состојба за во неа да можат шеснаесет годишниот Гоце, девет годишниот Филип и една година по младата Тамара со родителите спокојно да продолжат да живеат. Кога? Се зависи од колективната помош која ќе им покаже дека во најголемата мака, човекот или во случајов, семејството, не се сами.
Убавка Јаневска


