СДСМ со обвинувања за градоначалникот Колев за притисоци, закани и злоупотреба на службена должност

Советничката група на СДСМ во Совет на Општина Велес, денеска, на прес конференција јавно го прозва градоначалникот Марко Колев дека само по три месеци по локалните избори, продолжил со насилничката политика од времето на Груевски. Според советничката, Милица Ристовска Темелковска, градоначалникот Колев во присуство на претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ и актуелниот пратеник повикувале во градоначалничкиот кабинет одговорни лица и директори на јавни институции во Велес на кои им се заканувале и ги уценувале.
-Дали градоначалникот Колев знае дека уцената и заканата се кривични дела и дека се одговара по закон? Дали знае дека врши кривично дело, злоупотреба на службената должност?Која е улогата на пратеникот од ДПМНЕ во канцеларијата на Колев? Велешката јавност очекува градоначалникот да се произнесе за овој скандал и злоупотреба на јавната функција, рече Ристовска Темелковска.
Советничката група на СДСМ, исто така, соопшти дека од Општина Велес биле незаконски избркани од работа тројца вработени, за што била поведена судска постапка.
– Колев продолжува со злоупотребата на службената должност со вршење притисоци врз вработени во јавни институции. СДСМ нема да дозволи самоволие на партиските војници на ДПМНЕ и застанува во одбрана на правата на велешани, додаде Ристовска Темелковска.
Според советничката , СДСМ сите злоупотреби на должноста на актуелниот градоначалник Марко Колев, ќе ги пријави и процесуирани пред надлежните судски органи.
Дума.мк испрати мејл до градоначалникот Марко Колев за став по јавните прозивки и обвинувања од советничката група на СДСМ но до моментот на објавување на веста не стигна одговор.
Убавка Јаневска
