Се одрони поголем дел од карпа и падна на улица во велешко Долни Дуќани, вчера доцна попладне, без последици беше отстранета

Одрон од карпа, тежок неколку тони, падна и се распрсна на повеќе помали и поголеми парчиња, вчера, доцна попладне, на улица „Димко Најдов“ во Велес. Одронот најверојатно последица е на големата наврната количина на дожд. Нема повредени граѓани на фрекфентната улица во месноста Долни Дуќани, на јужниот излез на Велес , кој е дел од регионалниот пат R-1102 иако во времето на одронување имало фрекфенција на пешаци и автомобили.
Одронот пријавен е во Сектор за внатрешни работи Велес и Јавно комунално претпријатие „Дервен“. Полицијата го обезбедувала овој дел од улицата „Димко Најдов“ и го регулирала сообраќајот по една коловозна лента како и движењето на пешаците се додека екипа на ЈКП „Дервен“ ги расчистила поситните парчиња на одронот. За отстранување на поголемиот дел од карпата помош побарана е и од ЈП „Македонија пат“ регионална подружница Велес, од каде за Дума.мк, потврдија дека испратиле багер кипер со кој вчера вечер бил дигнат и утоварен во трактор.
Според граѓани кои живеат во овој дел на улица „Димко Најдов“ додека траело расчистувањето на одронот се случило откинување на жица од уличното осветлување. Тие, исто така, соопштија дека од работниците на ЈКП „Дервен“ кои расчиствувале им биле посочени уште неколку надвиснати карпи и едно дрво за кои рекле дека можат да претставуваат нова опасност во овој дел на велешката месност Долни Дуќани.
Убавка Јаневска


