Сè уште е активен пожарот кај село Ореше, Општина Чашка

Објавено на 29 јули, 2025 во 10:04

Пожарот кој избувна кај село Ореше, во Општина Чашка, и кој зафаќа ниска вегетација и букова шума е сè уште активен, а надлежните служби работат на негово ставање под контрола и спречување на понатамошно ширење.

Според информациите за состојбата со пожарите на територијата на државата евидентирани се вкупно 27 пожари на отворен простор. Од нив, седум се сè уште активни, три се ставени под контрола, а седумнаесет се изгаснати.

Освен во Чашка, активни пожари се регистрирани и на повеќе други локации низ државата. Во Општините Василево, Радовиш и Берово, гори теренот околу селото Нивичино, на планината Голем Готен и во делови од Малешевските Планини, каде што пожарот зафаќа нискостеблеста шума, смрека и ниска вегетација. Во Општина Прилеп, кај село Бешиште, огнот се шири кон село Градешница Новаци и кон границата со Република Грција, но таму не се интервенира поради детонации на теренот.

Пожар има и меѓу населените места Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен во Општина Прилеп, како и во селата Галиште и Трстеник на територија на Општина Кавадарци. Станува збор за пожар кој зафаќа мешана шума и ниска вегетација.

Слична состојба е и во Општина Македонски Брод, каде што гори теренот меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, каде пожарот опфатил деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација. Активен е и пожар кај селото Ќосевица во Општина Македонска Каменица, каде што гори борова шума, како и кај селото Горно Црско во Општина Кичево, каде што гори ниска вегетација и ниска шума.

Надлежните апелираат на внимателност и придржување до препораките за заштита од пожари, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од нивно ширење.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.