Се зголемува бројот на заболени од канцер на белодробие

Објавено на 17 ноември, 2022 во 13:21
Фото: Д-р Ѓоре Арсов  супспецијалист пнеумолог и пнеумофизиолог на Интерно одделение во велешка болница

Зголемен е бројот на пациенти во Велес и околината,  кај кои се открива карцином на белите дробови, оваа информација за Дума.мк ја потврди д-р Ѓоре Арсов  супспецијалист пнеумолог и пнеумофизиолог на Интерно одделение во велешка болница, според кого главната причина за појава на оваа болест кај пациентите е континуираното пушење на цигари. Тоа е само еден од сериозните загрозувачки фактори на здравјето на пациентите. Но причинител е за болеста во вкупно четири од петте видови на канцер.  

-Многу ретко ја откриваме болеста преку превентивни прегледи кај пациентите. Тие немаат таква навика. Најчесто луѓето доаѓаат со веќе развиени симптоми како што се нагло слабеење, зачестена кашлица и плукање на крв. Ние ја третираме болеста до одредени нивоа на дијагностика. Во нашата болница, во Велес, правиме ренген и компјутерски снимања на бели дробови, потоа пациентите се испраќаат во Скопје на Клиника за пнеумологија за да се одреди кој тип на карцином е откриен, рече Арсов.

Лекарот апелираше да се прават превентивните прегледи со кои ќе потврдат дека навистина се грижат за своето здравје.

-Кај нас граѓаните воопшто не прават скрининг преку којшто би се открил карциномот во почетна фаза. И во светот е тешко да се спроведе скрининг на голема популација.  Затоа мојата препорака е превентивата и особено  долгогодишните пушачи да прекинат да пушат цигари. Особено е важно најмалку еднаш да дојдат на контролен преглед кај пулмолог, додаде Арсов.

Контролни прегледи во голема мера влијаат на раното дијагностицирање на болеста и секако овозможуваат превземање на навремени здравствени мерки со кои би се намалиле прогресирањето на болеста и намалувањето на смртноста.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.