Сезоната на подготовка на ајвар и лутеница во полн ек, цените на градскиот пазар високи
Денеска е пазарен ден во Велес и најчесто купувани производи на централниот градски пазар беа црвените ајварски пиперки и модрите патлиџани чии што цени се движеа од 25 до 40 денари за килограм пиперки додека парче модар патлиџан се продаваше за 15 денари или три помали за 20 денари. Доколку на граѓаните им беа потребни црвени домати за подготовка на лутеница цената на килограм се движеше помеѓу 70 и 80 денари.
Оваа година најбараните сезонски производи се продаваат по рекордно високи цени што според некои градинари се должи на извоз додека според други малите количини на род поради пеколно жешкото лето.
Наспроти граѓаните коишто денеска ги купуваа земјоделските производи постојат и граѓани кои велеа дека годинава нема да го подготвуваат овој специјалитет дома. Вторите пресметале дека 30 килограми на црвени пиперки по просечна цена од 30 денари за килограм ги чинат 900 денари, 30 парчиња модар патлиџан по 15 денари, 450 денари, потребната количина од четири литри масло за јадење уште 400 денари или вкупно без потребниот огрев и вложен труд се потребни 1.750 денари за да се подготви ајвар во домашни услови.
Во споредба со цената на чинење на една тегла ајвар во маркетите којашто се движи просечно по 148 денари тоа значи дека можат да се купат 11 тегли ајвар што за нив е исплатливо.
Слична беше и нивната пресметка за приготвување на лутеница.
Сезоната на подготвување на зимница е започната и исто така забележливо е дека зголемени се цените и на останатите градинарски производи. Како на пример зелените пиперки коишто се продаваа од 30 до 40 денари, спанаќ за 100 денари и бамји по 200 денари за килограм.
Стефани Манева