Шест медицински сестри на велешка болница наградени со Благодарница по повод 12 Мај, за граѓаните мерење гликемија и крвен притисок (фото)

Објавено на 12 мај, 2025 во 13:58

За посветена работа шест медицински сестри на Општа болница Велес добија Благодарница. Годинешни добитнички на традиционалното признание се сестрите Сузана Стојанова од Детско одделение, Наташа Настова од Хирушко одделение, Вида Тончова од Одделение за гинекологија и акушерство, Роза Маркова од Интерно одделение, Јаворка Наумова од Оддел за стерилизација и Весна Димова од Нервно одделение.

По повод меѓународниот ден на сестринството, Баже Наневска, Главна медицинска сестра на Општа болница Велес упати честитка до колешките.

Ја имаме најблагородната и најхуманата професија затоа и во иднина да останеме сплотени, единствени и побројни.Образованието е нашата иднина, рече Наневска.

По повод 12 Мај – Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари, на плато пред Народен театар „Јордан ХК Џинот“ на Велешани бесплатно им мереа шекер во крвта и крвен притисок сестра Магдалена Манаскова и др Ивана Митрушевска, лекар по Општа пракса на Општа болница Велес заедно со практикантите од смерот за медицински сестри и техничари на ССОУ „Димитрија Чуповски.

Годинава и државното одбележување на Меѓународниот ден на медицинските сестри и техничари се одржа во велешко поточно во мотел „Бела Вода“ на езеро „Младост“. Во саботата, на 10 мај, Националното здружение на медицински сестри и техничари награди им додели на вкупно три медицински сестри од Велес.

Од нив две, сетра инструментарка Ленче Вчкова и сестра акушерка Десанка Ристова се вработени во Општа болница Велес додека патронажната сестра Стојна Петрова која ја доби наградата за најхумана сестра вработена е во истоимената служба на Здравствен дом Велес.

Признанија на велешкото Општинското здружение добија медицинските сестри Весна Димова, Сузана Стојанова, Наташа Настова, Роза Марковска, Славица Ордевска, Благица Давчевска, Јаворка Наумова и Вида Тончова.

На Меѓународниот ден на медицинските сестри во 2025 година, Светската здравствена организација ќе го објави извештајот „Состојба на светската медицинска сестра 2025“. The State of the World’s Nursing 2025 (SoWN 2025), ќе ги претстави најсовремените докази за глобалната медицинска сестринска работна сила, вклучувајќи образование, вработување, миграција, регулатива, работни услови, лидерство како и  показатели и проценки за глобално и регионално ниво на медицински сестри, недостигот и проекциите до 2030 година.  Скоро 50% од здравствените работници се медицински сестри и акушерки. На Светот му требаат 9 милиони повеќе медицински сестри и акушерки доколку сака да постигне универзално здравствено покривање до 2030 година.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.