Слаткари нов образовен профил од септември во ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес (фото)
„Шефот“ Иле, ученик во угостителската насока, во ССОУ „Коле Неделковски“ беше само еден од 25 средношколци коишто денеска беа задолжени да го направат ароматичен и поинтересен отворениот ден за презентација на смеровите за коишто ќе можат да конкурираат и да се запишат деветто одделенците од општините Велес, Чашка, Градско и Лозово. Иле го фотографиравме како пренесува пица, што заедно со неговите соученици, ја подготвија од просторијата за пракса во училишната зграда до штандот во школскиот двор. Овој штанд остави впечаток дека е еден од најпосетените затоа што освен пици на него беа изложение солени закуски и колачи за што по пријатен престој на деветто одделенците и нивните родители, углостителите подговија и 70 литри лимонада. Ладниот напиток ги освежуваше сите присутни на презентацијата и се чини дека беше еден од најбараните пијалоци денеска во училишниот двор.
Исто така, во дворот за што подобро презентирање на насоките коишто училиштето им ги нуди на деветто одделенците се погрижија и социјалните партнери со директна промоција на материјали и прозиводи. После две годишната пауза поради епидемијата со Ковид-19, ССОУ „Коле Неделковски“ годинава повторно ја организира оваа презентација за којашто интересот на деветто одделенците и нивните родители беше голем. Ако сообраќајната и угостителската струка се презентираа во училишниот двор, останатите како што се електротехничката, машинската се презентираа во училишната зграда.
-Интересно е да се спомене за деветто одделенците дека годинава имаме девет образовни профили коишто се дуални паралелки. Ако пред неколку години започнавме со еден профил на дуална паралелка, минатата година имавме две паралелки, додека годинава ќе имаме седум паралелки. Тоа се техничар за производно машинство, заварувач од машинската струка, келнер, готвчар и слаткар од угостителската струка, техничар за индустриска мехатроника и електро техничар енергетичар од електро техничката струка. Дуалните паралелки се поддржани од нашите социјални партнери чиишто број секоја година се зголемува поради фактот дека од нашето училиште излегуваат ученици коишто се оспособени освен со теоретски и со практични вештини коишто се мошне барани на пазарот на трудот, рече директорката Весна Стојанова – Богоевска.
ССОУ „Коле Неделковски“ годинава планира да запише ученици во 10 паралелки во четирите струки поточно машинска, електротехничка, сообраќајна и угостителска затоа во текот на денот професорите ги пречекуваа учениците и ги носеа во училниците и кабинетите кадешто одговараа на прашањата и ги даваа дополнителните барани ифнормации. Средното стручно училиште се надева дека интересот за упис во прва година и годинава ќе биде голем .
-Исто како лани и годинава ќе бидат запишани ученици во 10 паралелки. Бидејќи станува збор за упис на ученици во дуална паралелка бројот не треба да биде повисок од 25 ученици затоа што овој вид на паралелки не се формираат според законскиот максимум од 34 ученици туку се формираат според потребите на пазарот на трудот и на фирмите, додаде Стојанова -Богоевска.
Она што оваа година е ново е што училиштето во насоката угостителство ќе запише и деветто одделенци коишто сакаат да учат за слаткари освен како до сега келнери и готвачи. Овој образовен профил го поддржуваат девет социјални партнери на средното стручно училиште, токму тие побарале, училиштето конкурирало додека Министерство за образование одобрило од годинава да се изучува и слаткарскиот занает, потребна работна рака на пазарот во велешката и соседните општини.
Образованието во дуалните паралелки во ова училиште се изведува со тоа што учениците практичната настава во прва ја реализираат во училишните простории додека во наредните години во фирмите коишто побарале токму ваков образовен профил. За изведување на праксата во фирмите учениците добиваат месечен надоместок. Според Стојанова Богоевска од Министерство за образование веќе стигнал допис со којшто училиштето е информирано дека продолжува со исплата на месечен надомест за сите ученици коишто ќе се запишат во дуалните паралелки. Досега ваков надомест користат 80 ученици во ова средно стручно велешко училиште.
Убавка Јаневска