Со свечена пригода одбележани 29 години од постоењето на Општина Росоман

Објавено: 18 декември, 2025, во 12:05 часот

Општина Росоман одбележа 29 години од своето основање, јубилеј кој се поврзува со истрајност, континуирана работа и посветеност кон родниот крај. По тој повод, со свечена пригода беше одбележан јубилејот, на кој градоначалникот Ѓорѓи Крстевски истакна дека изминатите 29 години биле период исполнет со бројни предизвици, но и со напредок, труд и верба во подобра иднина. Според него, годишнината претставува можност за горд осврт на досегашниот развој, но и момент за одговорно насочување кон идните цели.

Крстевски нагласи дека Росоман е општина изградена од вредни луѓе, земјоделци, работници, млади, пензионери и семејства кои со години вложуваат труд и љубов во својата средина. Традицијата, земјата, спортот, културата и заедништвото, како што посочи, се основите врз кои се темели развојот на општината.

Во обраќањето беше истакнато дека во изминатиот период локалната самоуправа работела на поинаков пристап, со поголемо присуство на терен, зголемена грижа за јавниот простор и подобрување на инфраструктурата, безбедноста и условите за живеење.

-Овој јубилеј не е само прослава на минатото, туку и обврска за иднината. Обврска да продолжиме со уште повеќе ред, развој, одговорност и почит кон јавниот интерес. Обврска да создадеме општина во која младите ќе гледаат перспектива, а постарите сигурност и достоинство, додаде Крстевски.

Во рамки на свечената пригода беа доделени плакети и благодарници на поединци кои со својата посветеност, работа и придонес оставиле значајна трага во развојот на Општина Росоман.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.