Советничката Петрушевска Савова: СДСМ бара преиспитување и на одлуката за покачената цена од 240 на 800 денари што родителите ќе ја плаќаат иако децата цел месец не ги однеле во градинка
Објавено: 3 април, 2026, во 16:05 часот
По покачувањето на цената за престој во градинка за 30 отсто или од од 1.490 на 1.990 денари, на родителите кои не ги носеле цел месец децата,исто така, за месец февруари, годинава, им стигнале вирманчиња со покачена цена од 240 на 800 денари, соопшти денеска Мирјана Петрушевска Савова од советничката група на СДСМ во Совет на Општина Велес. За оваа пратеничка група не била само економски неоправдана, туку и длабоко неправедна кон родителите.

-Да се наплатува услуга која воопшто не е искористена претставува директно кршење на основниот принцип на фер наплата. Зголемувањето од 240 на 800 денари не е постепено ниту разумно – тоа е нагло, непропорционално и без соодветно образложение. Дополнително, оваа одлука создава сериозен финансиски товар за семејствата, особено за оние кои веќе се соочуваат со економски потешкотии. Наместо поддршка, родителите добиваат казна за ситуации како болест на детето или оправдано отсуство – нешто што е целосно надвор од нивна контрола, констатира во соопштение за јавност Савова Петрушевска.

Според неа особено загрижувачки е недостатокот на транспарентност затоа што не било јасно врз основа на кои анализи и пресметки е донесена оваа одлука, ниту пак е понудено јавно објаснување за ваквото драстично зголемување.
-Ваквиот пристап остава впечаток на игнорирање на интересите на граѓаните. Бараме итно преиспитување на оваа одлука – најдоцна до крајот на месец април и воведување правичен и транспарентен модел на наплата, кој ќе ги земе предвид реалното користење на услугите и социјалната состојба на семејствата. Во спротивно, ваквите политики само ќе ја продлабочат недовербата кон локалната власт и ќе предизвикаат оправдано незадоволство кај граѓаните,“ додава советничката Савова Петрушевска.

Убавка Јаневска



