Специјални едукатори и рехабилитатори од ОУРЦ „Маца Овчарова“ стекнаа нови знаења преку Еразмус + проект
Четворица специјални едукатори и рехабилитатори од ОУРЦ „Маца Овчарова“ беа дел од две мобилности во Италија и Грција преку Еразмус + проектот насловен „Нови пристапи, подобри резултати“. За време на двете мобилности тие имале можност да разменат искуства со своите колеги од други држави но и да го збогатат своето знаење за сензорна интеграција којашто е многу важна за развој на лицата со попреченост.
– Првата мобилност беше реализирана во Италија, кадешто посетивме четири училишта во градовите Пескара, Васто и Ортона. Во училиштата имавме средба со колегите и разменувавме искуства, знаења како и позитивни практики за инклузија. Тоа е особено важнос бидејќи Италија е држава којашто уште пред 40 години започнала инклузија. Втората активност беше посета на обука за сензорна интеграција во Грција во градот Трикала. Специјалните едукатори се стекнаа со нови но и ги проширија и продлабочија своите знаења за сензорна интеграција којашто е многу важна за развој на учениците со попреченост, рече Елена Трајанович координатор на Еразмус проект.
Специјалните едукатори и рехабилитатори преку неколку практични и теоретски работилници сите позитивни искуства и стекнати знаења им ги пренеле на своите колеги од училиштето, на родителите, на колегите од други училишта како и на сите образовни асистенти распределени во основните општински училишта во Велес, Градско и Чашка.
Проектот „Нови пристапи, подобри резултати“ е финансиски поддржан од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.
Стефани Манева