Спроведената имунизација на пред и школски деца е со висок одзив – во општините Велес, Чашка и Градско со ХПВ вакцинирани над 95 отсто од децата

Објавено: 27 јануари, 2026, во 09:56 часот

Високи проценти на имунизација на деца од предучилишна и училишна возраст во велешката и соседните општини, Чашка и Градско, во 2025 година покажува годишниот Извештај за спроведена имунизација на Службата за превентива на ЈЗУ Здравствен дом Велес. Задолжителните вакцини и ревакцини, според националниот Вакцинален календар, ги примиле над 91 отсто од децата во трите општини.

Се повторува високиот процент на вакцинирани и ревакцинирани женски деца со ХПВ вакцината за која во изминатите години се создаваше најголема одбивност од страна на родителите поради сомнежи за квалитетот на вакцините и евентуалните последици по здравјето. Со оваа вакцина веќе се вакцинираат и машки деца. Во 2025 година со ХПВ вакцина во трите општини, Велес, Чашка и Градско,  вакцинирани се 94,8 отсто од децата кои што подлежат на задолжително вакцинирање а за 2,2 % повисок е процентот на ревакцинирани. Гледано низ бројки ХПВ вакцина примиле 610 од вкупно 659 деца додека ревакцинирани се 595 од вкупно 645 деца.

Имунизацијата и со останатите задолжителни вакцини и ревакцини бележат високи проценти. На пример, имунизацијата со МРП вакцината изнесува 97,6%, со ПОЛИО и ДИ ТЕ, на седум годишна возраст само еден процент помалку додека ревакцини на 13 годишна возраст примиле 95 отсто од вкупно 672 односно 659 децата на школска возраст.

Редовното аплицирање на вакцините е особено значајно за создавање на здрави генерации и влијае врз квалитетот на јавното здравје на нацијата, констатираат здравствените работници.

Според годишната Програма за работа, оваа Служба, во првите шест месеци од годинава ќе се посвети на вакцинација против тетанус на деца родени во 2008 година, кои се на 18 годишна возраст, што е последна вакцина според задолжителниот Вакцинален календар. Со неа минатата година биле вакцинирани 91 отсто од школските деца.

-Исто така и на вакцинација со ХПВ вакцина на деца родени 2013 година, како женски така и машки, на систематски прегледи на ученици од средните училишта и од мај месец започнување на редовните систематски прегледи на деца за упис во прво одделение со задолжително вакцинирање со МПР вакцина, рече д-р Татјана Самаракова началничка на Служба за превентивна заштита на деца од предучилишна и училишна возраст на ЈЗУ Здравствен дом Велес.

Сепак, оваа здравствена служба, годинешната програма за работа ќе ја спроведува со вкупно четири здравствени работници, две лекарки и две медицински сестри или за 30 отсто намалени човечки ресурси откако на крајот од 2025 година во пензија заминаа две медицински сестри.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.