ССОУ „Коле Неделковски“ распишува конкурс за професионални пожарникари
Бројните пожари што ја зафатија речиси целата територија на државата во изминатиот период ја наметнаа потребата од зголемување на бројот на професионални пожарникари по глава на жител. Со огнените стихии храбро и пожртвувано се бореа пожарникарите од нашите територијални единици но напомош ни дојдоа пожарникари и од други држави. Поттикнати од потребата за обучен и квалификуван кадар за справување со пожари, менаџментот на Средното стручно општинско училиште „Коле Неделковски“ од Велес, распиша конкурс за обука на професионални пожарникари.
– Обуките ги реализираат професори со долгогодишно искуство во педагошката и стручната дејност. После полагањето на сите испити, кандидатите се стекнуваат со компетенции и уверенија, дипломи за завршен повисок степен на образование-специјалистичко образование за професионален пожарникар, стои во соопштението на ССОУ „Коле Неделковски“.
Македонија има недостиг од 536 пожарникари. Сите заинтересирани граѓани можат да се пријават на конкурсот за петто ниво на стручна квалификација. Потребно е да имаат диплома од завршено средно образование, да достават лекарско уверение, уверение за државјанство, извод од матична книга на родени и фотокопија од лична карта.
Професионалните пожарникари во Велес добија дипломи за следење на онлајн обуката во февруари годинава. По завршувањето на теоретскиот дел, успешно организирале и спровеле практичен дел од обуката во Територијалната противпожарна единица Велес.
Сите заинтересирани граѓани може да се пријават на конкурсот од денеска, 26 август, до понеделник, 30 август. Со реализација на обуката ќе се започне по распоред утврден од страна на училиштето. За повеќе информации контактирајте на моб. Тел: 075/244-255.
Стефани Манева