Тешко повредено 14 годишно дете, возач на мотоцикл, во Велес

Детето се повредило кога паднало додека управувало мотор, вчера, околу 13:30 часот на улица која новите згради од комплексот „Атлантис“ ги спојува со соседната улица којашто мине пред поранешната фабрика за тули „Киро Ќучук“ во Велес. На местото на несреќата била повикана Итна помош на Здравствен дом Велес. Лекар и медицинска сестра интервенирале, првично ги санирале повредите со кои се здобило детето и го пренеле до Ургентен центар на Општа болница Велес.
Според информации на Итна помош, повреденото дете се здобило со видливи тешки повреди на глава, поточно со хематоми, како и повреди на десен лакт и колено.
Др Билјана Босилкова, портпарол на ЈЗУ Општа Болница, за Дума.мк потврди дека повреденото 14.годишно дете К.Д. од Велес е прегледано, направени биле снимања на рентгенски апарат и направено било снимање на Компјутерски томограф.
-Според добиените наоди од снимањата констатирани се тешки телесни повреди на глава. Пациентот дете, К.Д, иако во стабилна состојба ,но поради сериозноста на повредата фрактура на глава, вчера попладне, во придружба на медицинска екипа, како итен случај е пренесено од Општа болница на Клиниката за Неврохирургија во државни Клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додаде др Босилкова.
Убавка Јаневска
