Топли се радијаторите во велешките училишта, велат директорите додека општината на денешната седница предвидува дополнителни средства за нивните потреби

Објавено на 31 јануари, 2024 во 16:02

Во резервоарите на четирите основни и четирите средни училишта во Велес има нафта за моменталните потреби од греење. Според директорите на општинските основни училишта „Васил Главинов“, „Панко Брашнаров“ и „Кирил и Методиј“ како и на четирите средни училишта „Гимназија Кочо Рацин“, „Коле Неделковски“, „Јовче Тесличков“ и „Димитрија Чуповски“ јавните набавки се направени со финансиски средства коишто ги обезбедиле во 2023 година според доставени финансиски планови и побарувања. И во основното „Блаже Конески“ додека се трошат последните количини од резервоарот ќе се спроведе јавна набавка за набавка на нафта којашто ќе се троши во месец февруари. Според дел од директорите на училиштата нафта ќе имаат до крајот на грејната сезона додека другите очекуваат финансиски средства од општината за набавки на дополнителни количини. Единствено средното училиште „Коле Неделковски“, кое еден месец е државно и ресурсен центар, ќе има со што да ги грее училници, ходници, кабинети и спортската сала и на почетокот на наредната грејна сезона.

Каква е состојбата со финансиските средства наменети за набавка на нафта за основните и средните училишта во градот, Дума.мк ја прашаше Општина Велес.

– При планирање на годишниот буџет општинските служби на училиштата им го кажуваат износот на блок дотации од Министерство за образование и наука, според кои училиштата треба да направат план и распределба. Доколку блок дотацијата не е доволна според нивните проекции се врши процентуално кратење на ставките. Да нагласиме дека ова кратење е привремено, односно до распределба на вишоци, ребаланс или пренамена на средства. Во однос на средства за обезбедување нафта за оваа 2024 година, за седницата на Совет која во моментов е во тек предвидена е пренамена на средства и проширување на буџетот од ланските вишоци со што на сите училишта им се предвидени дополнителни средства со кои ќе се изедначат со ланската потрошувачка, пишува во одговорот на Општина Велес.

Оттаму, исто така, ја потврдуваат информацијата дека сите основни и средни училишта имаат доволна количина на нафта и додаваат дека во комуникација со директорите и службите на училиштата како опција стои и спогодба за размена доколку некое училиште има поголема количина од потребната.

Инаку, минатата недела, директорот на училиштето „Блаже Конески“, на прес конференција со медиумите напомена дека училиштето има уште 800.000 денари со коишто може да направи јавна набавка на нафта само за месец февруари. Ова училиште е најголемо и по површина и по број на ученици. Во него се загреваат 10 илјади метри квадратни простор за потребите од настава на 1.100 ученици, дел со дневен престој.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.