За граѓаните најавена Канцеларија за потреби од здравствена заштита во зграда на Општина Велес (видео и фото)

Објавено: 8 април, 2026, во 10:01 часот

„Ништо не е поважно од здравјето“, со оваа добро позната констатација на граѓаните, пренесувана од генерација на генерација, го започна своето излагање претседателката Лидија Димова на штотуку формираната Комисија за унапредување на правата на пациентите на Општина Велес на организираната јавна трибина за превентивни прегледи и рана детекција на болести.

Димова, како пензионирана судијка и поранешна претседателка на Основен суд Велес најголем дел од својата презентација на темата посвети на здравјето на граѓаните кое е загарантирано со македонскиот Устав, со Законот за заштита на правата на пациентите, од кој што произлегува формирање на општинска комисија со цел делегирање на обврска и на локалната самоуправа во однос на заштитата на пациентите како и за Законите за здравствена заштита, за здравствено осигурување и поголем број од прописи со цел да се надминуваат состојбите во Велес а се поврзани со заштитата на пациентите. Македонското законодавство освен на државните институции овозможува формирање и работа на постојана Комисија во рамките на Општина Велес за унапредување на правата на пациентите.

-Во зграда на Општина Велес ќе биде отворена постојана Канцеларија која ќе биде јасно означена, на општинската веб страницата ќе има категорија „Пациенти“ и ќе се подготви Образец за потребите на граѓаните кои ќе им овозможува да напишат потреба или поплака, ќе овозможиме и лични разговори за поплаки во одредени денови како и флаери. Во план се и посети на населените места во општината од страна на членовите на Комисијата како и воспоставување на соработка со Општа болница Велес како и со матичните лекари. Засега ова се нашите планови, рече Димова.

На јавната трибина зборуваа и членовите на Комисијата за унапредување на правата на пациентите на Општина Велес – д-р Лилија Чолакова Дервишова, Иванка  Караѓозова Трчкова од велешкото здружение на граѓани заболени од дијабетес и Димче Велев, претседател на Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија.

Граѓаните присутни на јавната трибина искажаа повеќе забелешки кои воглавно се однесуваа на нивната потреба од специјалистички прегледи и неможноста да ги извршат во Велес поради недостиг на лекари во јавното здравство за што тие мораат да одат на скопските Клиники или во Клинички центар Штип.

Јавната трибина се одржа по повод 7 Април – Светскиот ден на здравјето.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.