Триесет велешани се лекуваат од Ковид-19 во велешка болница, има позитивни и во изолација ученици и ученички, наставници и директор
Има слободни кревети во ковид одделенијата во ЈЗУ„Општа болница“ Велес. На Интерно слободни се уште осум, на Инфективно има 13 кревети и во модуларната болница има уште 18 слободни кревети. Утрово, до Општина Велес, била проследена информација од оваа јавна здравствена институција дека моментално бројот на хоспитализирани ковид пациенти изнесува вкупно 69 од коишто 37 се лекуваат на Инфективно, седум на Интерно одделение и 25 пациенти во модуларната болница. Од овие пациенти 48 се потврдено позитивни на Ковид – 19, осумнаесет се негативни на вирусот но се задржани на болничко лекување поради компликации. Сомнителни се тројца пациенти за кои се очекуваат резултати од тестовите. Од нив на кислородна поддршка се 34 пациенти.
Од ковид пациентите кои се лекуваат во велешката болница 30 се од Велес, 25 се од Свети Николе, 10 се од Јаболчиште и по еден пациент од населба Горно Оризари, село Бузалково,село Виничани и селото Криволак.
-Засега нема недостиг од кислород за ковид пациентите, затоа што кислородни боци континуирано се доставуваат во болницата, рече на прес конференција градоначалникот Аце Коцевски.
Тој додаде дека помеѓу општинската администрација и во јавните установи основани од Општина Велес нема вработени заболени или во изолација, освен еден вработен на ЈКП „Дервен“.
Состојбата со ковид 19 во основните и средните училишта, ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ и градинката „Димче Митрев“ резултира со вкупно 10 позитивни ученици додека во изолација се вкупно 42 ученици и ученички, пет позитивни наставници и наставнички, шест во изолација, еден директор е позитивен на вирусот и од техничките служби во јавните установи петмина вработени се позитивни.
Убавка Јаневска