Ученичките Ања Богоевска и Матеа Јовановска од Велес се финалисти на меѓународен поетски фестивал во Бања Лука, но без финансиска поддршка од училиштето

Објавено на 14 април, 2025 во 11:35

Меѓу 3.500 пристигнати творби од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Република Српска, Хрватска, Словенија и Унгарија на 19-тиот по ред Меѓународен фестивал на детска поезија „Дечије царство“ во финалето своето место го обезбедија ученичките Ања Богоевска и Матеа Јовановска од велешкото основно училиште „Васил Главинов“. Ученичката Богоевска своето место во финалето го обезбеди со творбата „Носталгија“ додека ученичката Јовановска творела на тема „Мирот почнува со нас“.

Нивната менторка, наставничката Бојанка Џипунова Ташова за Дума.мк откри дека оваа година за прв пат земале учество на фестивалот којшто се реализира од 2007 година во Босна и Херцеговина и веднаш станале дел од финалистите.

-Пресреќни сме што заедно со моите ученички успеавме да влеземе во финалето на овој меѓународен фестивал, веста ја добив на мобилен телефон со зборовите „…дури две ваши ученички влегуваат во финале“. На овој фестивал учество земавме со девет ученици од нашето училиште а постигнатите резултати се мотив за понатаму да продолжиме уште поинтензивно да работиме и да учествуваме на следни фестивали, објасни Џипунова.

Финалето на фестивалот „Дечије царство“ каде ќе се прогласат и победниците ќе се одржи на 25 април, годинава, во Градското позориште „Јазавац“ во Бања Лука, но финалистките од велешкото училиште повторно ќе очекуваат телефонски повик околу наградите бидејќи немаат финансиска поддршка да присуствуваат на настанот.

-Јас и моите ученички за жал немаме можност да присуствуваме на финалето во Бања Лука коешто ќе се одржи овој месец, бидејќи нашето училиште не ни покрива никакви трошоци. Искрено имаме голема желба во живо да го проследиме настанот и да слушнеме дали сме дел и од победниците, затоа пробуваме да се организираме, но со оглед на фактот дека би не чинело многу, бидејќи треба да покриеме пат и спиење, не знам дали ќе успееме, објаснува наставничката Џипунова.

Добредојдена е поддршката и од граѓаните како и бизнис заедниците со цел сонот на двете талентирани ученички да стане реалност.

На финалето ќе бидат прогласени победниците но ќе биде промовиран и Зборникот на фестивалот како и фестивалскиот број на детското книжевно списание „Ризница“.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.