Учениците Здравев од ООУ „Блаже Конески“ и Мухаремовски од ООУ „Лирија“ најдобри се шахисти на турнир за основци од велешките училишта (фото)

Шаховски турнир по повод патрониот празник на училиштето „Стојан Бурчевски Буридан“ од село Иванковци се одржа во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес. Државното средно училиште во Велес, како соработник, ја отвори својата сала за сите пријавени 60 ученици од основните училишта во Општина Велес. Учениците се натпреваруваа во две категории, прва којашто ги опфати играчите на најинтелектуалната спортска игра од I до V одделение и втора, во која се натпреваруваа ученици од VI до IX одделение.

-Учениците покрај тоа што ги покажаа своите шаховски вештини и нивната креативност во одиграните потези,уште еднаш потврдија дека шахот е двигател на целите за социјалниот развој,покажувајќи почит еден кон друг,со чест и гордост се справуваа со победите и поразите,меѓусебно добро се дружеа и одлично се забавуваа, рече директор Трајче Недев на ОУ „Стојан Бурчевски Буридан“ откако ја одигра партијата шах со својот колега Горан Богоевски, директор на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“.


Недев за Дума.мк ги соопшти најдобрите ученици шахисти и тоа во категоријата од I до V одделение првопласиран е Никола Здравев од ООУ „Блаже Конески“, второто место го освои Благој Индов од ООУ „Кирил и Методиј“ и на третото место се пласираше Никола Илковски од ООУ „Васил Главинов“.

Во категоријата од VI до IX одделение најдобри ученици се Фуркан Мухаремовски од ООУ „Лирија“ од село Бузалково кој го освои првото место, Давид Велков од ООУ „Кирил и Методиј“ се пласирраше на второто додека Андреј Богдановски од ООУ „Васил Главинов“ го освоитретото место на ученичкиот шаховски турнир. Организаторот на турнирот на овие шест најдобри ученици им додели дипломи и пехари за освоеното место додека сите останати учесници добија пофалници за учество на турнирот.


На турнирот судеа професори по спорт од Велес, кои имаат добри познавања на играта додека помагаа и нивни колеги, кои беа ментори на учениците во основните училишта во Велес.
Убавка Јаневска
