Ултрамаратонци од Велес пеш до Лопушник во чест на Коста Солев Рацин, изодени првите 62 км

Трајче Михов, Зоран Димов и Верољуб Додевски од Велес, Љубиша Андреиќ од Куманово и Томислав Спасовски од Скопје се петте ултрамаратонци кои вчера тргнаа на четиридневен пат до планината Лопушник во кичевскиот регион, со цел да оддадат почит на поетот и револуционер Коста Солев Рацин.
Ултрамаратонците за Дума.мк изјавија дека ја поминале првата делница до Стровија и поминале 62 км вчера доцна попладне.
Стартот беше означен рано наутро пред споменикот на Рацин кај велешката Гимназија „Кочо Рацин“, каде што маратонците беа испратени од претставници на Општина Велес и градоначалникот Марко Колев.
Патеката која ја поминуваат пеш е симболичен чин на сеќавање и почит кон Рацин, кој на 13 јуни 1943 година трагично го загуби животот токму на Лопушник. По пристигнувањето, на спомен-обележјето на местото на неговата погибија, ќе положат венец со свежо цвеќе.
Овој ултрамаратон е веќе дел од традицијата и се организира секоја година во рамките на културната манифестација Рацинови средби, во организација на Општина Велес.
Стефани Манева
