Уреден долен двор на велешка болница од  доброволци на ЗГ „Велешки акцијаши“ (фото)

Објавено: 26 април, 2026, во 14:14 часот

Дванаесет акцијаши, од кои седум ветерани и пет млади, претпладнево го исчистија од трева и коров долниот дел на велешка Општа болница. Тие доброволно работеа 3,5 часа. Прво косеа со тримери секаде каде што машински можеше да се работи, за потоа на непристапниот дел да продолжат со сатори и со мотики. Исто така, акцијашите ги искастрија поголемите кисели дрвја што го грубат просторот наменет за стази како и покрај главниот пат на влезот но и приодите како и скалите кон Одделенијата за Трансфузиологија и Нервно.

Исто така се уреди и просторот околу паркингот на главниот влез на болницата и околу болничката Трафостаница како и приодот кон Хирушките амбуланти.

-Акцијата започна во 08:45 часот и заврши три ипол часа подоцна. Просторот е уреден од бујната вегетација. Освен косење трева и коров, се исекоа и со мотика откорнаа многу диви растенија, претежно кисели дрвја, се собра шут што ќе го транспортира ЈКП „Дервен“ и на крајот се смете целата површина на денешната траса на работната акција. Сакам да ги прогласам за ударници на денот сите петмина млади поддржувачи на „Велешки акцијаши“ кои учествуваа а се ученици на ООУ „Блаже Конески“ и на ООУ „Панко Брашнаров“.  Денешната акција ја изведовме затоа што нашето граѓанско здружение со велешка Општа болница има потпишано Меморандум за соработка, рече Делчо Костов претседател на „Велешки акцијаши“.

Тој додаде дека ова е прва, од повеќето планирани акции, за подготовка на младите поддржувачи на здружението за учество на работните акции во Скопје и во Нови Пазар, кои што годинава ќе се одржат во месец јули.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.