„Вардарски Иновациски Хаб“ отворен во Велес, младите ќе можат да учествуваат на обуки и да разменуваат идеи
Со четири дневна тренинг обука насловена „ Design Thinking“ и учество на млади лица од целиот Вардарски регион, денеска, во Велес свечено се отвори „Вардарски Иновациски Хаб“ во којшто младите луѓе од градот и Вардарскиот регион ќе може да посетуваат разни обуки. Со отворањето на хабот започнува и Старт – ап програмата за Туристички Иновации на Центар за развој на Вардарски регион во рамки на проектот INNO-ECOSYSTEM. Директорот на Центар за Вардарски регион, Сашо Мошев, рече дека една од главните активности на проектот била реконструкцијата на народната кујна во Хаб за иновации.
-Денеска започнуваат обуките за „Дизајн тинкинг“ на којшто се пријавија млади лица од целиот регион. Се надевам дека по успешната обука на хакатонот којшто го организираме на 20 септември сите заеднички ќе придонесеме за нова иновативна понуда со којашто ќе ја потполниме туристичката понуда во Вардарки плански регион, додаде Мошев.
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, рече дека идејата за отварање на ваков Хаб во Велес датирала од пред четири години, но пред една година започнала реализацијата објектот да биде ставен во функција.
-Сакав да се случи нешто во Велес и тоа да биде во центарот на градот кадешто еден од неколкуте запуштени објекти ќе биде ставен во функција за младите. Сакам да се заблагодарам до сите партнери и Вардарски плански регион за овој проект но и до Делегацијата на Европска Унија коишто значителни финансиски средства вложува во Велес, додаде Колев.
Проектот за отворање на овој иновативен Хаб го спроведуваат три партнери и тоа Асоцијација на компании за информатичка технологија на Северна Грција (SEPVE) од Грција, Фондација за одржлив економски развој „ПРЕДА ПЛУС“ од Битола и Центар за развој на Вардарски плански регион.
Директорка на Фондација за одржлив економски развој „ПРЕДА“, Маријана Милевска, рече дека и претставува особена чест што од еден разрушен објект, денеска, постои објект којшто ќе ги негува иновациите и младите.
-Многу сме среќни што сме тука, што можеме нашето искуство да го пренесеме на хакатонот, на оваа обука денес којашто ќе започне со извонредни идеи за туризам за развој на регионот. Вардарски регион си има голем потенцијал којшто треба да биде ставен во функција со новите технологии и во новото време. Виното е тука, продолжената рака на виното како туризам исто така може да се искористи и имаме седум идеи коишто денес младите луѓе ќе можат да ги развиваат со нашите партнери за Дизајн тинкинг, додаде Милевска.
Елени Фелеки од организацијата „SEPVE“ од Грција нагласи дека сите млади таленти ќе имаат можност да ги развиваат своите идеи во ИТ индустријата со целосна поддршка.
-Ве охрабрувам сите учесници на овој настан, да ја проширите веста за одржувањето на овој хакатон и да го промовирате просторот помеѓу младите. Локалниот хакатон во Солун ќе се одржи во текот на овој месец, потоа ќе се одржи транснационален хакатон на којшто идеи ќе споделуваат младите од Грција, Битола и Велес, додаде Фелеки.
Отварањето на Иновативниот Хаб во Велес е дел од Проектот INNO-ECOSYSTEM, кофинансиран од Европската Унија и од националните фондови на земјите учеснички преку Интерег ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Република Северна Македонија.
Стефани Манева