Мераклии и гурмани, повелете на Пастрмајлија во Велес!
Викендов Велес ширум ги отвори портите за љубителите на традиционалниот специјалитет по кој е познат дома и во странство.
Во градот по деветти пат се одржува манифестација посветена на питата Пастрмајлија. За таа цел затворен за сообраќај е дел од главната градска сообраќајница „Благој Ѓорев“. На локацијата пред Гимназијата, од една страна и редот од кафетерии од друга страна, поставени се штандови на кои дваесет реномирани производители на Пастрмајлии ги нудат своите производи. За граѓаните тука се и традиционалните производители на најдобрите македонски вина. Пред штандовите поставени се маси и столици. Веќе се дочекани и првите гости кои вкусија од надалеку прочуената велешка Пастрмајлија.
„Годинава Питијадата ја организираме заедно со празникот на младото вино, заедно со велешката народна музика но и со забавниот дел од програмата преку кои градот ќе заживее во духот на велешката оригинална пита Пастрмајлија па затоа на сите велешани но и гостите кои ќе не посетат им ветуваме добра пита и квалитетно вино,“ рече попладнево на свеченото отворање на манифестацијата градоначалникот, Горан Петров.
Вечерва велешани се главни гости на Питијадата. Пред штандовите се чека ред и се бара слободно место за седнување на поставените маси и столови. Полни со гости се и кафетериите. Повозрасните граѓани веќе завршја со вечерата а помладите велешани допрва стигнуваат на локацијата. Цел град се обидува да дојде на ред и да го вкуси специјалитетот заедно со чаша црвено вино. Од сите страни одекнува музиката на Велешката чалгија. Ќе настапат и локални музичари и групи. До еден часот по полноќ, угостителите ќе работат напорно. Советот на општината, викендов, за еден час им го продолжи работното време а не мораат ниту да издаваат фискални сметки.
Веќе утре во Велес треба да дојдат гости од Македонија. Најавени се пријатели и роднини на велешани. На Пастрмајлијадата, утре вечер, доаѓа и македонската естрада.
Вратите на манифестацијата се отворени до недела вечер. „Мераклии и гурмани, повелете на Пастрмајлија во Велес!“, гласи поканата на угостителите.