Велешката Пастрмајлија нема конкуренција!
„Уникатна е затоа што е приготвена од тесто во кое е наредено околу 250 грама исецкано на коцки свинско месо, 50грама пастрма и има една лажица свинска маст.
Посебен белег и даваат двете јајца кои се додаваат на крајот од печењето. Се сеќавам кога бев дете дека беше незамисливо да се јаде Пастрмајлија без црвени сушени чушки и секако без црвено вино,“ вели велешанката Македонка. Денеска, со семејството на ќерка и од Охрид и со синот, снаата и внуците, ги затекнавме на една маса пред штандовите со Пастрмајлии на главната градска улица. Семејството на Македонка го собра манифестацијата која по осми пат се организира во Велес во чест на вкусниот традиционален специјалитет. Вака велешани се навраќаат на традицијата според која, секој викенд се до пролет, главен специјалитет на нивната трпеза ќе биде Пастрмајлијата.
Стотици граѓани денеска чекаа ред на штандовите и откако ќе си купеа Пастрмајлија седнуваа на поставените маси и столици. Топлото и сончево време беше причина што буквално немаше слободно место на главната градска улица пред велешката Гимназија. Долги редици имаше и пред штандовите на кои се продаваше вино. Родители ги хранеа своите деца, други само им купуваат Пастрмајлија и сите се обидуваа да јадат додека питата е топла бидејќи тогаш е највкусна.
Угостителите и сопствениците на винариите се задоволни од прометот. Советот на општината денеска нив ги ослободи од издавање на фискални сметки. Од двете страни на улицата Благој Ѓорев постојано доаѓаа комбињата и автомобилите полни со Пастрмајлии.
Со полна пареа работеа и кафетериите. И таму се бараше слободно место. Градот се раздвижи а граѓаните доаѓаа и си заминуваа. Бројни беа гостите од Охрид, Битола, Прилеп а најголем број беа дојдени од Скопје. Пастрмајлијата чини 120 денари или на парче се продаваше по 30 денари исто колку и чаша вино.
Организаторите очекуваат гости и во вечерните часови кога ќе треба да настапат ѕвездите од домашната естрада: Влатко Лозановски, Тони Зен, Дарко Илиевски, Викторија Лоба и други.
Општината и угостителите исто така очекуваат дека и во недела главната градска улица ќе биде посетена од љубители на традиционалниот македонски специјалитет.