Морбидната мртовечница во велешката болница ќе се реновира
Похумани услови за чување на починатите пациенти најави министерот за здравство Никола Тодоров при денешната посета во велешката болница.
Ќе се реновира објектот па за таа цел е распишан тендер за избор на градежна фирма вели Тодоров.
„Ова е еден сериозен проблем кој го детектиравме при една од моите претходни посети и заедно со менаџментот се заложивме да го реализираме овој проект. Процедурата за изградба не е лесна, има многу работи кои треба да се завршат, се распиша тендер за избор на проектант, па потоа треба да се изготви проектот па негова ревизија, да се обезбедат сите потребни дозволи и на крај тендер за изведувач“, вели Тодоров.
За условите во кои се чуваат починатите одамна се жалеа нивни роднини. Куќарката е во катастрофална состојба пред распаѓање, во неа има медицински отпад и многу влага. И за директорот е неизвесно кога ќе заврши реновирањето.
„Откако ќе завршат сите процедури со документацијата се надевам дека нема да има пречки за изградба на мртовечницата. Сепак мислам дека последниот тендер ќе го распишеме за еден месец“, вели Атанас Василев, директор на велешка болница.
Инаку тим од министерството цела недела ќе ја скенира состојбата во велешката болница. Според првиот впечаток недостигаат специјалисти, но како најголем проблем се истакнуваат административните процедури кои се предолги, а кои мора да ги помине еден пациен кој се лекува. Сепак за проблемот со мртовечницата министерството одамна е запознаено и најавуваше дека ќе се реши.