Томографот препород за велешките пациенти!
Врвниот македонски специјалист радиолог Проф др Миодраг Врчаковски, во понеделникот, им помагаше на велешките колеги на одделението за Ренген во работата со апаратот компјутеризиран томограф.
Заедно ги разгледувале резултатите на пациентите снимени на овој медицински апарат. Разменувале мислења за поспецифичните случаи. Еден од нив бил пациент кој викендот настрадал при сечење на дрво кое паднало врз него и предизвикало повеќе повреди на коските и внатрешните органи на пациентот, рекоа лекарите специјалисти по ренгенологија. Професор Врчаковски задоволен од капацитетите на своите колеги во Велес рече дека брзо ги совладале предизвиците на современиот метод на работата.
„Дел од колегите во Велес се на крајот од работниот век па освен што можеби треба да се мисли на неопходна замена, ќе кажам дека тие немаат сериозни проблеми во работата. Добро дијагностицираат, велат дека компјутерскиот томограф им донел препород а тоа го тврдат и колегите што работат со нив како хирурзите затоа што случаите ги дијагностицираат на лице место, овде и веднаш а тоа преставува страшен бенефит бидејќи веднаш се знае што треба да се превземе и нема непотребни патувања до Скопје,“ рече проф д-р Врчаковски.
Според професорот сега само најтешките случаи од Велес се транспортираат поточно испраќаат на медицински лекувања или иследувања на скопските клиники.