Велешките лекари во среда нема да штрајкуваат!
Велешките лекари во среда ќе работат бидејќи не го поддржувале штрајкот на скопските колеги кои донесоа одлука со штрајк да го искажат нездоволството од земањето плата по учинок.
Председателот на гранковиот синдикат во велешката болница, д-р Љупчо Леов, смета дека станува збор за репрезентативен синдикат со најголем број на здравствени работници кој одлучил дека целта треба да се оствари преку преговори со министерот Никола Тодоров.
„Гранковиот синдикат, само во Велес, има околу 350 членови“, рече д-р Леов.
Инаку министерот за здравство Никола Тодоров цела недела е во посета на велешката болница, но засега не побарал средба со локалниот синдикален лидер. Тој денеска од Велес објави дека ниту еден директор од скопските клиники не го известил за списоци со имиња на лекари кои ќе штрајкуваат. Според Тодоров тоа е законска обврска на штрајкувачите бидејќи во спротивно директорите нема да знаат на кого да му потпишат плата на кого не за деновите на штрајк.
„Јас не знам сега дали тие ќе штрајкуваат или нема да штрајкуваат и дали се обидуваат да манипулираат со директорите“, вели Тодоров.
Инаку Тодоров веќе втор ден е во посета на велешката болница во која тим на експерти од повеќе области ја скенираат состојбата. Таму денеска беа и повеќемина врвни специјалисти и професори од скопските клиники кои работеа заедно со колегите од Велес на одделенијата за хирургија, за очни болести, за гинекологија и за интерни болести.