Драма во судницата за случајот „Платено убиство во Ореше“!
На денешното рочиште во велешкиот суд беше побарано изземање на обвинителот оти постапката ја водел нечесно.
Така смета одбраната на обвинетите за извршување на убиството браќата Ордан и Љубчо Ѓорѓиевски. Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ објасни дека обвинителот е некоректен бидејќи тврдел дека еден од сведоците не ја кажува вистината врз основа на сведочење кое го направил незаконски. Адвокатот смета дека е недозволиво обвинителот да не покрене обвинение за незаконско држење на оружје против сведок кој во судница пред сите признал дека има оружје без дозвола.
„Од друга страна обвинителот бара вештачење на докази бидејќи се сомнева во нивната веродостојност“, вели Давидовиќ.
Вишото обвинителство не дозволи изземање на велешкиот обвинител од овој случај. Одбраната побара и изземање на судијата, но и во ова не успеа. Потоа настана вистинска драма во судницата, а поради недолично однесување адвокатот Давидовиќ заработи казна од 1 000 евра. Тој во знак на револт ја напушти судницата по што рочиштето продолжи.
Инаку во овој судски процес Ѓоре Петровски од селото Ореше е првообвинет. Тој одговара за нарачка на убиството на соселанецот Лазо Милошевски. Според обвинението Петровски од Америка пратил пари за второобвинетите, браќата Ѓорѓиевски, да го убијат Милошевски.
Веќе неколку години трае ова судење за нарачано убиство но, краен епилог сеуште нема