Скандал со јавните набавки на лекови во велешката болница!
Наместо по утврдените единствени цени, велешката болница и по 1 февруари годинава, продолжила да набавува лекови по стари цени.
Ги купувала поскапо иако од добавувачите можела да ги добие за поефтина цена. Станува збор за набавки на вкупно 20 видови на скапи лекови. Во контролата што експерти на министерството за здравство, неделава, ја спровеле во книговодството засега откриле дека во повеќе наврати од само 8 поскапо плаќани лекови болничкиот буџет бил олеснет за 7 милиони денари. Тие пари завршиле кај веледрогериите кои неделава биле повикувани на отчет во болницата.
„Ова е многу сериозно затоа што преставува тешко кривично дело. Гледавме да не се претрпи поголема штета па затоа беа повикувани преставници од повеќе веледрогерии да дојдат и веднаш да направат корекција на цените, да се сторнираат фактурите што се доставени и болницата да престане да ги плаќа додека не се изврши целосно усогласување на цените и сторнирање на се она што е претходно фактурирано дури и платено по повисоки цени,“ рече министерот за здравство Никола Тодоров.
Спроведувајќи го Кајзен проектот, експертите од министерството за здравство се посомневале во финансовото работење на болницата затоа што констатирале зголемување на трошоците за набавка на лекови во услови кога цената е намалена како и бројот на пациенти.
„ Направена беше споредба на трошоците за годинава во споредба со лани. Разликата не е мала изнесува седум милиони денари.Со тие пари можеме комплетно да го реновираме одделението за физикална терапија, да ја изградиме болничката мртовечница и да набавиме два нови и многу значајни апарати за потребите на болницата. Тоа е ехо апарат за абдомен и ЦТГ апаратот за гинекологија,“ рече Тодоров.
Министерот појасни дека станува збор за скандалозно работење во времето на екс директорот и побара од актуелниот да ги превземе сите законски мерки со кои ќе се санкционираат вработените што го овозможиле тоа. Тодоров вети дека за скандалот со јавните набавки на лекови мора да има санкции и во исто време побара дисциплинска мерка за правникот кои морал да ги знае прописите за да не ги доведе во заблуда останатите од службата за јавни набавки.