Државата да бара „алтернативна локација“ за велешка топилница и порачаа екологистите!
Неколку нови задачи доби фирмата Метруд хем сопственик на велешка топилница.
Министерството за екологија од каде бара дозвола за работа и наложи на фирмата да најде алтернативни решенија. Ова ги разлути дел од велешките екологисти. Сметаат дека морало да се прецизира дека се бара нова локација за топилница.
„Никаде не е споменато алтернативна локација и покрај тоа што беше главното барање на граѓаните и здруженијата. Морало да им се побара или понуди локација на инвеститорите. Вака има сериозна можност за игра со зборови, замајување на јавноста па за тоа сметаме дека избегнувањето на зборот локација е голем пропуст во овој документ“, вели Ненад Коциќ, председател на Е.Д.Вила Зора.
Од министерството за екологија велат дека не сакале да го оптоваруваат текстот па за тоа не прецизирале дека се бара алтернативна локација. Велат дека фразата алтернативни решенија може да се однесува на се што е поврзано со процесот за добивање на еколошка дозвола за фабриката.
Од фирмата Метруд хем пак велат дека се среќни што процесот се поместил од мртва точка.
„На овој одговор чекавме повеќе од четири месеци. Ова е редовна процедура што мора да ја помине секој што вади дозвола за работа и ние ќе ги почитуваме препораките на министерството. Подготвени сме итно да работиме на проектот бидејќи и ние сакаме што побргу да ја земеме дозволата и како што ветивме да работиме еколошки“, вели Александар Билбилов, портпарол на Метруд хем.
Сепак екологистите најавија дека со допис ќе бараат министерството да прецизира дека се бара друга локација за топилница. Од екологија пак велат дека ова е само почеток на процедурата и дека сите недостатоци ќе се пополнат на јавните трибини кои ќе се организираат во иднина. Инаку фирмата започна процедура за вадење на еколошка дозвола откако стана сопственик на фабриката. Има намера да работи со комбинатот кој 30 години го загадуваше градот и тоа на истата локација каде сега се наоѓа.
