„Алеја на херои“ ќе се гради на Костурница
Иницијатива да се заштитат спомениците на борците од НОБ има боречката организација од Велес. Нивното досегашно сквернавење ги натера да бараат помош од општината.
Борците веќе го доставија барањето постаменти со излиени ликови на хероите да се најдат на платото пред спомен костурницата.
„Сите споменици што беа по парковите знаеме дека завршија или во отпадите или во Вардар. Па сега не им се знае трагот. Со ова сакаме да ги зачуваме спомениците и да ги обновиме, а со помошта и од градоначалникот и од општината ќе ги зачуваме и достојно ќе го добијат вниманието“, вели Саздо Кицевски, председател на Сојузот на борци – Велес.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=8gY7ASfArgI&feature=g-crec{/youtube}
Предлог за проект веќе има општинската администрација. Речиси во целост го прифати барањето на Сојузот на борци, освен во делот каде да се наоѓаат постаментите. По закон не смее да се задира во сегашното опкружување на музејот, па тие мора да се најдат пред почетокот на скалите кои водат до него.
„Ова ќе се нарекува Алеја на хероите, а спомениците ќе бидат подредени така што до секој од бистите ќе може да се дојде и достојно да се одаде почит. Ќе ги поправиме сите бисти кои се зачувани, а ќе се изработат нови кај оние што се целосно уништени. Проектот предвидува и видео надзор и чуварска служба, значи се што е потребно за да се зачува овој дел од историјата на Велес“, вели Катица Чадиева, раководител на одделени за култура во Општина Велес.
Велешани пак се со поделени мислења. Од една страна се чуваат спомениците, а од друга се носат далеку од очите на јавноста, велат тие.
„Во костурница е најбезбдено да бидат, сепак во парковите се крадеа многу“, вели велешанец.
„Таму нема икој да ги види, а овде се барем на увид. И онака ја заборавивме историјата уште ова ни фали“, вели друг велешанец.
Спомен костурницата се издига над Велес и во неа се наоѓаат моштите на загинатите борци како и најголемиот мозаик во земјава. Но влагата ги разјаде ѕидовите, а не помогна ниту реконструкцијата од неодамна. Сега општинскиот совет ќе треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот нејзината околина да биде надополнета со „Алеја на хероите“.
