Земјоделци од велешко на протест пред опозицијата!
Дваесетина земјоделци со три трактори ја блокираа улицата пред велешкиот огранок на опозицискиот СДСМ.
Не се задоволни од пратеничката група во македонското собрание која ја одолговлекува постапката за носење на буџетот за 2013 година. Стравуваат дека нема да им се исплатат државните субвенции.
„Сите што се тука се поранешни членови на СДСМ, нема ниту еден со членска книшка на ВМРО ДПМНЕ. Дојдени сме за да го искажеме нашиот револт бидејќи ако СДСМ продолжи да го блокира носењето на буџетот ние нема да земеме субвенции“, вели Стојанчо Спасиќ, претседател на здружение на земјоделци „Аеропника“.
И покрај тоа што не ги земале годинешните субвенции земјоделсите се уплашени за следните.
„Не ни се исплатени субвенциите од 2012 година, ги очекуваме оти ни се потребни за на лето. Апликациите за субвенции за наредната година ќе ги поднесуваме до крајот на март“, вели Борис Николовски, земјоделец.
Од опозициската партија пак смируваат. Без разлика дали ќе се изгласа буџетот субвенции ќе има, велат од таму.
„Субвенциите за годинава се веќе испланирани и подготвени за исплата од овој буџет за годинава. За следната година е сеуште рано за субвенции, а јас се надевам дека процедурата за носење на буџетот нема да се одолговлекува до тогаш“, вели Марјанчо Николов, пратеник од СДСМ.
Тој ги повика земоделците на средба со него за да им објасни се што е поврзано со субвенциите. Им порача да не им веруваат на пропагандите кои се шират деновиве во јавноста, а се поврзани со случувањата во собранието.