Втор ден велешките земјоделци протестираат пред опозицијата!
Не ги земале овогодинешните субвенции ама се плашат за наредните.
Да се донесе буџетот за 2013 година оти ќе ги радикализираме протестите се заканија земјоделците од неколку велешки села. Гневни се што опозицијата го одолговлекува носењето на буџетот од кој сметаат дека зависат нивните субвенции.
„Субвенциите за годинава не се исплатени, ланските ги земавме. Сепак задоволни сме од власта, но на опозицијата и порачуваме дека ако продолжи да го блокира носењето на буџетот ќе одиме во Скопје, на протести, а ги повикуваме и останатите земјоделци од земјава да го кренат својот глас против самоволието на СДСМ“, вели Тони Митковски, земјоделец од Каласлари.
„Не сме ги земале субвенциите за годинава, живеевме од ланските. Секоја година е така, ги земаме за 2011, а со нив живееме во 2012. Сега ни е страв дека ако не се изгласа буџетот за 2013 година следната по неа нема да преживееме“, вели Мите Андоновски, земјоделец од Лисиче.
Ова е втор протест на земјоделците од велешко откако во понеделникот со три трактори ја блокираа улицата пред седиштето на СДСМ во Велес. Деенска нешто побројни и со повеќе трактори се заканија дека ќе ги радикализираат протестите за носење на буџетските пари.