Неизвесно, ќе си подадат ли рака екологистот и директорот на топилница?
Помирување наместо судење побара велешкиот суд за случајот во кој директорот на „Метруд хем“ го тужи екологистот Игор Смилев.
Пред да почне процесот судијата Илија Танев ги подучи спротивставените страни дека најдобро е со компромис да го решат случајот. По средбата надвор од судницата, во неа двајцата адвокати изјавија дека се со намера да стават крај на процесот. Но, сепак директорот Димитриоски побара јавно извинување.
„Јас се чувствувам наклеветен, навреден, а и поради заканите страв ми е слободно да се шетам кога ќе дојдам во градов. Стравувам и за моето семејство и со тоа ми е нансена долготрајна штета. Па цел Велес беше излепен со плакати со мојот лик“, рече Димитриоски.
Смилев одби да се извини за нешто што не го сторил.
„Воспитан сум да се извинувам, но само ако сум сторил нешто. Во овој случај јас не го навредив Димитриоски. Моето семејство одамна е осакатено од работата на Топилницата, а јас само го исполнувам аманетот кој ми го остави мој близок пред заминување на оној свет“ , рече Смилев.
Поради јазот меѓу нив и за да имаат можност и време да се смират судијата Танев го одложи рочиштето за 23 – ти јануари 2013 година.
По рочиштето само адвокатот на Смилев , Љубомир Михајловски – Џанго изјави дека е општимист дека ќе успеат да се договорат, а тоа би било најдобро за градот за да не се создаваат тензии. Ниту Тони Димитриоски, ниту неговиот адвокат Коста Нојков не сакаа да разговараат со новинарите.
Инаку директорот на фирмата која ја купи Топилница, Димитриоски приватно го тужи Смилев оти на прес – конференција го навредил, наклеветил, му се заканувал и противзаконски покажувал слика од него. Смилев пак е дециден дека се што говорел е во име на „Зелената коалиција“ која се противи на рестартирање на топилница која додека работеше го загадуваше градот. Ако не се договорат и двете страни се подготвени да одат до крај.